Фото: Макфакс

Скопскиот Кривичен суд му определи мерка 30-дневен притвор на првоосомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, Љупчо Палевски со прекар Палчо, кој е во бегство, а која ќе биде спроведена по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

– Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, донесе решение со кое го прифати предлогот на обвинителството и на Љ.П. со прекар П. му определи мерка притвор од 30 дена, од денот на неговото пронаоѓање и приведување, а поради постоење на основите од член 165 став 1 точка 1,2 и 3 од ЗКП, односно опасност од бегство, ќе ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоци или ќе го повтори кривичното дело. Согласно наредбата за спроведување истражна постапка, за лицето постои основано сомнение за кривичните дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.7 вв со чл. 22, Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 вв. чл. 22 и Предизвикување општа опасност од чл. 288. ст.1 вв со чл. 22 од КЗ. Воедно, како што информиравме и во текот на вчерашниот ден, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Јавниот обвинител за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против А.Ѓ. заради постоење на основите до чл. 165 ст.1 точка 1 и 2 односно опасност од бегство и попречување на истрагата со влијание врз сведоци – се нагласува во соопштението од судот.

И двете решенија, како и известувањето за три други притвори во текот на вчерашниот ден, според Кривичниот суд, се поврзани со убиствотата на Ѓорчевска и на Жежовски.

Претходно вчера, Кривичниот суд на предлог на скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против Палевски, првоосомничениот, којшто е посочен како организатор и реализатор на двојното убиство. Министерството за внатрешни работи вчера распиша и меѓународна потерница по Палевски кој е во бегство.

Од Судот потсетуваат дека во текот на вчерашниот ден, на предлогот на Јавниот обвинител, судија на претходна постапка им определи мерка краткотраен притвор од 48 часа на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, заради опасност од бегство и попречување на истрагата со влијание врз сведоци и на Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, заради опасност од бегство, влијание врз сведоци и страв дека ќе го повторат односно извршат ново кривично дело.