Делчево денеска официјално го пушти во употреба првиот Туристичко-информативен центар, наменет за промоција на културното, историското и природното наследство на градот и регионот. На отворањето присуствуваше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Новиот центар ќе биде место каде што граѓаните и посетителите ќе можат на едно место да добијат информации за туристичките локалитети, културните и историските знаменитости, туристичката понуда, како и за актуелните настани во Делчево и околината.
Министерот Андоновски истакна дека целта на Министерството за дигитална трансформација е електронските и јавните услуги да бидат подостапни за граѓаните во сите региони.
– По отворањето на Центарот за услуги, кој веќе нуди стотици услуги за граѓаните од регионот, денеска со задоволство присуствувам и на отворањето на Туристичко-информативниот центар, кој е поддржан со наша опрема. Се надевам дека ќе им служи на граѓаните, но уште повеќе на туристите, за да се информираат за сите знаменитости и туристички потенцијали што ги нуди овој регион – истакна Андоновски.
Тој најави продолжување на соработката со локалната самоуправа и посочи дека една од следните активности ќе биде „Карванот за услуги“, преку кој руралните средини ќе бидат посетени со цел граѓаните да добијат полесен пристап до електронските услуги и можност за вадење основни документи.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, оцени дека отворањето на центарот е резултат на заедничката работа и поддршката од институциите.
– Голема чест и задоволство е што денеска го пуштаме во употреба првиот Информативен центар во Делчево. Оваа идеја се роди уште пред локалните избори, кога ја добивме опремата што беше основа за изградбата на овој центар. Општина Делчево помогна во неговата доработка, а Центарот за култура со своите вработени ќе придонесе во развојот и промоцијата на оваа приказна – изјави Гоцевски.
Тој додаде дека по Центарот за услуги, Делчево добива уште еден значаен објект кој, како што рече, може да биде основа за креирање нови идеи и активности за развој на туризмот.
Директорот на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски, истакна дека новиот центар претставува важен чекор во промоцијата на културното и историското наследство на Делчево.
– Ова ќе биде место каде што секој посетител и граѓанин ќе има можност на едно место да ги добие сите информации за културните, историските и природните локалитети и настани. За нашата институција ова е значајно продолжение на определбата да ја доближиме културата до сите – порача Начовски.
Проектот е реализиран преку донација на опрема од Министерството за дигитална трансформација, додека Општина Делчево обезбеди дополнителни средства за брендирање и опремување на објектот.
Со отворањето на Туристичко-информативниот центар, Делчево добива нова современа точка за промоција на туристичките потенцијали на градот и Источниот Регион.
Воедно, продолжува и меѓуопштинската соработка меѓу Делчево, Пехчево, Берово и Македонска Каменица, со најави за нови иницијативи насочени кон подобрување на условите во културата и младинските политики.
































