Македонскиот олимпиец го освои 59-то место меѓу 129 натпреварувачи на вчерашната трка во ИБУ-купот во биатлон во Австрија, а пред тоа во Италија беше 51-от меѓу 123-та со одлична стрелба, без промашување во двете пукања

Македонскиот олимпиец Ставре Јада (21) го освои 59-то место во конкуренција на 129 натпреварувачи на вчерашната трка на 15 км во Обертлиах, Австрија, на третиот ИБУ-куп во биатлон сезонава. Денеска и утре Јада ќе настапи на уште две трки, на 15 и на 10 км, по што ќе се врати дома на краток одмор, до новогодишните празници.

Пред неколку дена Јада настапи на вториот ИБУ-куп, во Риднаун, Италија, и забележа добар пласман, на 51-та позиција меѓу 123 натпреварувачи со одлична стрелба (без промашување во двете пукања).

– Вкупно, задоволен сум од досегашните резултати сезонава. Во Италија, на втората трка беше одлично, бев мирен и затоа направив одличен резултат. Во Австрија, на познатата патека за мене беше добро, но при последната стрелба не бев доволно концентриран. Она што треба да подобрувам е стрелбата, затоа што е многу битна во биатлонот – вели Јада.

На првите два натпревара сезонава во Сјусјоен, Норвешка, во спринтот на 10 км, беше 56-ти и 70-ти во конкуренција на над 110 натпреварувачи. Во меѓувреме Јада настапи и на една ФИС-трка, во Покљука, Словенија, на 15 км, на која беше 61-от меѓу 91 скијач, освојувајќи притоа и 96,19 ФИС-поени.

– Како што поминува времето, формата на Јада оди во нагорна линија и јас очекувам така да продолжи. По натпреварите во Италија и во Австрија во јануари го очекува Светското првенство во биатлон за јуниори во Ленцерхајде, Швајцарија, од 25 јануари до 2 февруари, а потоа и сениорското СП во Антхолц, Италија, од 10 до 20 февруари. Постојат шанси тој да настапи и на Светскиот куп, во јануари. Нормата е обезбедена, но потребно е да се најде меѓу осумте квоти за скијачи од земји што се над 30-то место во Светскиот куп – вели Ѓоко Динески, тренерот на македонските нордијци.