ШАХ – СВЕТСКИ КУП

Полскиот велемајстор (ВМ) Јан Кшиштоф Дуда (2.738 рејтинг-поени) го освои првото место на Светскиот куп (СК) по нокаут-систем во Сочи, Русија (206 учесници), без притоа да доживее пораз во партиите во класичен шах. Тој во финалето го совлада Русинот Сергеј Карјакин (2.757), со 1,5-0,5, откако претходно го елиминира светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.847), со 2,5-1,5. Трет е Карлсен, кој го победи Русинот Владимир Федосеев (2.696), со 2-0. На СК настапи и македонскиот ВМ Кирил Георгиев (2.599), кој по двете успешни кола, против Белгиецот Александар Дебуадѕе и Иранецот Пархам Магсодло, во третата рунда загуби од силниот Украинец Антон Коробов (2.683) со 0,5-1,5.
Јан Кшиштоф Дуда имаше потежок начин да стигне до победничката позиција, притоа совладувајќи ги во последните четири рунди (од вкупно осум) Александар Гришчук, Видит Гухрати, Карлсен и Карјакин. Полјакот, кој победи на ЕП во забрзан шах во 2014-та, а беше втор на СП во брз шах во 2018-та (кога заврши половина поен зад Карлсен), настапот во Сочи го нарече успех на неговиот живот во класичен шах. Тој заедно со Карјакин се пласира на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во 2022 година.
Кај жените победи поранешна светска првенка Александра Костењук, која во финалето ја совлада сонародничката Александра Горјачкина, со 1,5-0,5.