Според информациите, клубовите сакаат лигата да почне на Божиќ или на Бадник, а секој тим да одигра по 72 натпревари наместо вообичаените 82 во регуларниот дел од сезоната, за таа да заврши пред почетокот на ЛОИ

КОШАРКА – НБА
Пократка сезона, а се разгледува и опцијата за пет „балони“?

Раководството на кошаркарската НБА-лига го разгледува предлогот новата сезона да почне кон крајот на декември, со воведните „божиќни“ натпревари, а сезоната да биде скратена за да им се овозможи на играчите да настапат на Летните олимписки игри во Токио, објавија повеќе американски медиуми.
Сопствениците на НБА-клубовите сакаат лигата да почне на Божиќ или на Бадник, а секој тим да одигра по 72 натпревари наместо вообичаените 82 во регуларниот дел од сезоната, за таа да заврши пред почетокот на Игрите во Токио.
Со оглед на тоа што НБА-лигата беше задоволна од воспоставувањето на системот на игра во т.н. „балон“ во Орландо, каде што поради пандемијата на коронавирусот беше одиграна завршницата на регуларниот дел од минатата сезона, а потоа и плејофот со учество на 16 екипи, за новата сезона во најсилната кошаркарска лига во светот се разгледувала и опцијата за формирање пет такви „балони“, во кои би играле по шест екипи, пишуваат американски медиуми, кои ја потврдија и информацијата дека годинашниот избор на нови кошаркари во НБА, т.н. драфт, ќе биде организиран виртуелно на 18 ноември. Та.Д.


Рекорди на Рамос, Фати, Зидан…

Првото фудбалско „Ел класико“ што се одигра без публика го доби Реал Мадрид, победувајќи ја на гости Барселона, со 3-1, во меч од шпанското првенство. Клучен момент беше пеналот за Реал во 63. минута, кој во гол го претвори Серхио Рамос, кој го играше 45-от ваков дерби-меч со Барселона, што е рекорд. Зинедин Зидан нема загубено натпревар на стадионот „Камп ноу“ како тренер на „кралевите“, односно на шесте меча има по три победи и ремија. Реал три меча по ред не е поразен во „Ел класико“, првпат по сезоната 2012/2013. Младиот Ансу Фати, кој го постигна единствениот гол за Барселона, е првиот играч што постигнува гол во „Ел класико“ на возраст под 18 години. Покрај него, тренерот на Каталонците, Роналд Куман, во почетните 11 имаше уште двајца тинејџери, 17-годишниот Педри и 19-годишниот Серхио Дест. Л.Д.


Ајакс победи со 13 гола разлика, еден помалку од клупскиот рекорд

Ајакс забележа рекордна победа во фудбалскиот шампионат на Холандија, на гости над Венло, со 13-0. Со тоа Ајакс го надмина клупскиот рекорд од 1972-та, кога триумфира над Витесе со 12-1. Младиот Ласина Траоре е првиот играч на Ајакс што постигнува пет гола, по клупската легенда Марко ван Бастен, кој постигна шест гола во 1985-та. Рекордни седум гола во првенството на Холандија постигна Алфонсо Алвес, на натпреварот Херенвен – Хераклес (9-0) во 2007 година. Најголемата победа воопшто во клупската историја Ајакс ја забележа во 1984 година, кога го победи Диферданж од Луксембург со 14-0, во тогашниот Куп на УЕФА, сега Лига Европа (ЛЕ). Л.Д.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
По пет етапи, на Вуелта води Роглич со пет секунди предност

Белгискиот велосипедист Тим Веленс е победник на петтата етапа на трката околу Шпанија, познатата Вуелта, а Словенецот Примож Роглич го задржа водството во генералниот пласман. Белгиецот заедно со Французинот Гијом Мартин и Холанѓанецот Тимен Аренсман по 75-от километар се одвои од групата, а во самиот финиш најмотивиран и најиздржлив беше Веленс, кој патеката од 184 километри ја доби со предност од четири секунди пред Мартин и 12 секунди пред Аренсман.
Роглич ја предводеше втората група велосипедисти и етапата ја заврши со заостаток од две минути и 13 секунди, но, сепак, доволно да ја зачува првата позиција во генералниот пласман пред Ирецот Дан Мартин, кој зад Роглич заостанува само пет секунди. Трет, со заостаток од 13 секунди, е Естонецот Ричард Карапаз. Шестата од 18-те етапи на Вуелта, која првично требаше да заврши на врвот на Турмалет, ќе се вози од Биеска до Салент де Галего, во должина од 146 км. Та.Д.