Публиката се враќа на трките во Формула 1

Челниците на Формула 1 објавија дека на трката за големата награда (ГП) на Тоскана, Италија, која ќе се вози на патеката Муџело, ќе може да има публика во ограничен број. Првичната дозволена бројка на гледачи за овој настан ќе биде 2.880.
Формула 1 од почетокот на сезоната се вози без публика поради пандемијата на коронавирусот. Таа трка во Италија ќе се вози на 13 септември, а со овој потег се влева оптимизам дека и следните трки на шампионатот ќе се возат пред гледачи.
По седмата трка во неделата, светскиот првак Луис Хамилтон ја зголеми предноста во генералниот пласман, откако победи и на трката во Белгија, пред Валтери Ботас, Макс Ферстапен итн. Хамилтон сега има 157 бода, пред Ферстапен со 110, Ботас со 107 итн.
За Хамилтон тоа беше 89-та победа во кариерата, две помалку од рекордерот Михаел Шумахер.Та.Д.


Барселона продолжи со собирање трофеи

Ракометарите на Барселона стигнаа до вториот трофеј сезонава. Откако минатиот викенд избраниците на тренерот Чави Пасквал со победата над Грањолерс го освоија Суперкупот на Каталонија, минатиот викенд неговите играчи се закитија со уште еден трофеј, за шпанскиот Суперкуп. Во финалето ракометарите на Барселона славеа против Бенидорм, со 38-18.
Најефикасни во победата на Барселона беа новакот Домен Макуц, со седум гола, крилото Алекс Гомез додаде шест, десниот бек Дика Мем реализира четири, а Лука Циндриќ беше стрелец на три гола. Ова е 23-ти трофеј за Барселона во ова натпреварување.
Шпанскиот гигант утре ќе ја почне одбраната на титулата во домашното првенство.
Та.Д.


КАРАТЕ-ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
Oдржaн првиот младински онлајн натпревар во кати

Карате-федерацијата на Македонија (КФМ) одржа онлајн првенство за деца (до 15 години) во дисциплината кати во машка и во женска конкуренција. Тоа беше организирано според новонастанатите услови и во согласност со стандардите на Светската карате-федерација (ВКФ), како и пропишаните мерки од Министерството за здравство, со изведби на отворен простор или, пак, во домашни услови, но со одржување физичко растојание за време на ковид-19.
– За време на пандемија од коронавирусот, кога се откажани сите домашни и меѓународни натпревари на неодредено време, овој настан е од големо значење. Особено е значајно што во дисциплината кати има интерес кај клубовите што вредно работат со младите генерации, што, пак, очекуваме да биде уште помасовно и поквалитетно во иднина. КФМ и во наредниот период ќе се стреми да организира вакви и слични активности, што ќе зависи од препораките на надлежните институции за тренинг и за учество на натпревари – соопштуваат од КФМ. Г.И.


Двата тима од Лос Анџелес во полуфиналето

Кошаркарите на Лос Анџелес клиперс се пласираа во полуфиналето на плејофот во Западната конференција на НБА-лигата, откако ја добија вкупната серија со 4-2 против Далас. Екипата на Док Риверс во шестиот дуел славеше со 111-97. Најефикасен во победничкиот состав беше Кавај Ленард со 33 поени, 14 скока и седум асистенции, а во екипата на Далас расположен беше Словенецот Лука Дончиќ, кој реализира 38 коша, а додаде уште по девет скока и асистенции.
Лос Анџелес клиперс во втората фаза ќе игра против подобриот од дуелот Денвер – Јута. Во второто полуфинале во Западната конференција ќе игра и Лос Анџелес лејкерс, кој ќе се сретне со подобриот од дуелот Хјустон – Оклахома. Во источната конференција двојките се Мајами – Милвоки и Торонто – Бостон (Бостон води со 1-0). Г.И.