Фото: МЗТ Скопје

КОШАРКА
МЗТ Скопје триумфира на Земун-купот

Кошаркарите на МЗТ Скопје се враќаат со трофеј од гостувањето во Белград, откако триумфираа на турнирот „Земун-куп“, со победата во финалето на мечот со Младост од Земун, со 86-80. Најефикасен на теренот беше кошаркарот на скопјани Мајк Кафи, со 19 поени, а двоцифрен број поени впишаа и Страхиња Миќовиќ (12), Дамјан Стојановски и Еван Максвел (двајцата со по 11).
Претходно, МЗТ Скопје во полуфиналето ја совлада екипата на Борац од Бања Лука, со 85-66, а Земун беше поуспешен од Вршац. Ова беше и четврта победа во низа на актуелниот македонски шампион во подготвителниот период, под водство на тренерот Александар Петровиќ, по триумфите над Арис и над Здравје Лесковац, пред почетокот на новата натпреварувачка сезона во домашната Прва лига, која треба да почне на 8 октомври. Г.И.


КОШАРКА – ФИБА
Полска четврти кодомаќин на ЕП 2025

Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) го потврди и четвртиот организатор на следното Европско првенство (ЕП) во 2025 година. Тоа е Полска, која им се приклучи на од порано познатите три држави-домаќини Кипар, Финска и Летонија. За ова, секако, влијание има и сегашниот изненадувачки одличен настап на Полјаците на ЕП 2022, кои вчера играа за бронзениот медал во Берлин со репрезентацијата на домаќинот, Германија, а за златото требаше да играат Шпанија и Франција. Полска веќе игра претквалификации за ЕП 2025, како и македонската репрезентација, и е во група со Хрватска, Австрија и со Швајцарија. Г.И.


БОРЕЊЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Егоров и Нуров останаа без медал

Вчера попладне, во репасажот, требаше да настапи Алили (категорија до 61 кг)

Македонските борачи во слободен стил и најголеми адути за освојување медал од Светското првенство (СП) во Белград, Владимир Егоров и Магомедгаџи Нуров, не успеаја да освојат еден од медалите. Егоров (категорија до 75 кг), кој годинава освои злато на Европското првенство (ЕП) во Будимпешта, по почетната победа, во осминафиналето загуби со 0-3 од Порториканецот Дариан Тои Круз.
Нуров (до 97 кг), пак, кој е носител на бронза од СП 2019, а настапи и на ланските Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио, откако ја прескокна квалификациската рунда, во осминафиналето го победи со 14-4 кинескиот борач Туерксунбиеке Мухеите, но во четврт-финалето загуби со 4-6 од Грузиецот Гиви Мачарашвили. Вчера попладне требаше во репасажот да настапи уште последниот борач Бесир Алили (до 61 кг). Г.И.