Фото: Твитер/Џо Бајден

Американските сили би го бранеле Тајван, доколку Кина го нападне островот, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.

Во интервју за „Си-би-ес“, на прашањето „дали Американците би го бранеле Тајван во случај на кинеска инвазија“, тој одговори со „да, доколку би дошло до напад без преседан“.

Бајден нагласи и дека „не го охрабрува“ островот да прогласи формална независност.

– Тоа е нивна одлука, додаде американскиот претседател.

Како што пишуваат некои медиуми, Бајден ја даде изјавата во време кога има значително приближување на САД и Тајван. Но и во период кога односите меѓу Пекинг и Вашингтон се на најниско ниво во изминатите неколку децении, пренесува Бета.

Кина денеска ја осуди изјавата на американскиот претседател Џо Бајден, дека САД ќе го бранат Тајван во случај на кинеска интервенција.

Пекинг го осуди, како што наведе портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг, „сериозното прекршување“ на дипломатските ветувања на Вашингтон.

– Ова е сериозно прекршување на важните обврски на САД да не ја поддржуваат независноста на Тајван. Тоа испраќа погрешен, сериозен сигнал (за поддршка) на сепаратистичките сили што водат кампања за независност на Тајван – изјави таа.