ФУДБАЛ – ДИВИЗИЈА ЧЕМПИОНШИП
Митровиќ постави рекорд со 43 гола во една сезона

Фулам ја завери титулата во англиската фудбалска дивизија Чемпионшип декласирајќи го Лутон, со 7-0, на мечот на кој Србинот Александар Митровиќ постигна два гола, вкупно 43 сезонава, што е нов рекорд во ова натпреварување. Претходно рекордот го држеше Гај Витингам, кој во сезоната 1992/1993 постигна 42 гола од Портсмут.
Фулам на едно коло до крајот на сезонава (во 46-то му гостува на Шефилд) постигна 106 гола, два помалку од рекордните 108 на Манчестер сити во сезоната 2001/2002, последниот тим што ја надмина бројката од 100 гола во втората по ранг фудбалска лига на Англија.
Пласманот на Фулам во Премиер-лигата не е ништо ново за тимот од Лондон, кој во изминатите пет сезони трипати испаѓаше и се враќаше во најсилната лига. Но ова е првпат Фулам да ја освои титулата во Втората лига по сезоната 2000/2001, кога на менаџерската позиција беше Французинот Жан Тигана и кога беше освоен 101 поен. Л.Д.


КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
По двете победи на гостите, сега два триумфа на домаќините

По Милвоки и Голден стејт, сега и Мајами и Феникс победија во првите мечеви од полуфиналето по конференции сезонава во кошаркарската НБА-лига. Така, во Западната конференција, Феникс го совлада Далас, со 121-114, а во Источната конференција Мајами славеше на мечот со Филаделфија, со 106-92, двете дома.
Претходно, на Западот Милвоки на гости го победи Бостон со 101-89, а на Истокот Голден стејт славеше, исто така, на гости, кај Мемфис, со 116-117. Ноќеска се играа вторите мечеви на кои одново домаќини беа Бостон и Мемфис. Вторите натпревари од двојките Феникс – Далас и Мајами – Филаделфија на програмата се утре. Според пропозициите, се игра до четири победи. Осумте тима беа на првите четири места во своите конференции по првиот дел од сезоната. Актуелен првак е Милвоки.


ФУДБАЛ
Англија може да има девет клуба во Европа?

Англиската фудбалска Премиер-лига во следната сезона би можела да има девет екипи во европските натпреварувања, пишува „Скај спорт“. Според пропозициите, најдобрите четири екипи во Премиер-лигата се квалификуваат во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ), тимот на петтото место и победникот на ФА-купот ќе играат во групната фаза на Лига Европа (ЛЕ), а победникот на Лига-купот во плејофот на Конференциската лига (КЛ). Бидејќи сезонава победник на ФА-купот ќе биде или Ливерпул или Челси, а и двата тима можат да бидат меѓу првите четири, тоа место во квалификациите за ЛЕ ќе го заземе следниот клуб со највисок пласман во Премиер-лигата што не се квалификувал за Европа. Ливерпул го освои Лига-купот и неговото место во квалификациите за КЛ ќе оди на следниот клуб со највисок пласман во Премиер-лигата без европски фудбал. Сето тоа значи дека екипите на шестото и на седмото место на табелата се во трка за место во Европа.
Премиер-лигата би можела да има најмногу пет тима во ЛШ, ако Вест хем ја освои ЛЕ и биде надвор од најдобрите четири во Англија. Ако, пак, Лестер ја освои КЛ, тие ќе се пласираат во ЛЕ. Сето тоа значи дека ако Вест хем и Лестер победат во своите европски натпреварувања и бидат надвор од најдобрите седум тима во Премиер-лигата, во следната сезона ќе има девет англиски клуба во европските натпреварувања, и тоа четирите најдобри и Вест хем во ЛШ, петтото и шестото место и Лестер во ЛЕ и седмото место во КЛ, пишува „Скај спорт“.