Фото: Игор Бансколиев

Оваа резолуција на Лихтенштајн, со која секоја членка на СБ на ОН ќе мора да образложи зошто става вето, всушност, значи дека и големите сили, на своевиден начин, увидоа дека само преку утврдените меѓународноправни механизми најмала е шансата да се загрозат светскиот мир и одржливиот развој. Имено, овој пат преку малото европско кнежевство тие сакаат да се вратат кон почитувањето на меѓународното право, без да мораат директно да признаат дека и тие го прекршувале во минатото

Една иницијатива во Обединетите нации отвори некои нови перспективи за нас

Малото европско кнежевство Лихтенштајн, со население од помалку од 40.000 жители, неодамна се соочи со најмоќните земји во светот во Обединетите нации и постигна ретка победа, усвојување на нивната нацрт-резолуција од страна на Генералното собрание на ОН, со која се бара од петте постојани членки на Советот за безбедност – Русија, Кина, САД, Франција и Велика Британија, во иднина да ја оправдаат нивната употреба на ветото.
– Загрижени сме поради зголемената неспособност на Советот за безбедност да ја врши работата што му ја дадовме според Повелбата на ОН и го видовме овој тренд во последните неколку години – изјави Кристијан Венавезер, амбасадор на Лихтенштајн во ОН, притоа појаснувајќи дека тие постојано се залагале за посилна улога на Генералното собрание.
Овој чекор на Лихтенштајн, зад чија иницијатива повеќе од извесно стојат САД, Велика Британија и Франција, фрла една поинаква светлина на самата функција на Обединетите нации како чувар на светскиот мир преку почитување на меѓународното право, подеднакво, како за големите и моќни земји така и за помалите, на кои токму меѓународното право им е единствената алатка во борбата за одбрана на нивните права.

Светската организација последните децении се најде под сериозна критика дека кога станува збор за почитувањето на меѓународното право покажала слаба функционалност, односно премолчено дозволи големите сили да ги толкуваат меѓународните правни норми онака како што ним им одговара, прескокнувајќи ги сите тела на оваа мултилатерална организација и дејствувајќи на своја рака, водени од сопствените геостратегиски цели.
Оваа резолуција на Лихтенштајн, со која секоја членка на СБ на ОН ќе мора да образложи зошто става вето, всушност, значи дека и големите сили, затскривајќи се зад малото европско кнежевство, сакаат да се вратат кон почитувањето на меѓународното право, без да мораат директно да признаат дека и тие го прекршувале во минатото. Повеќе од извесно е дека и САД, но и Британија, Франција и другите поголеми земји сакаат да имаат покритие токму од ОН за она што го прават, без некој да им забележи дека работат спротивно на повелбите на светската организација на кои и самите ставиле потпис.
Затоа сега преку наметнување на потребата секоја идна одлука да мине низ органите на една мултилатерална организација од меѓународното право како што е ОН, всушност, се овозможува креирање меѓународноправно издржано алиби што ќе им овозможи на земјите да го направат тоа што им е намерата. Тоа значи дека, сепак, им е важно таквата одлука да има и меѓународноправна верификација, но од друга страна, тоа ќе биде механизам да не се дозволуваат еднострани акции и други акти со кои се погазува меѓународното право или, пак, се толкува на произволен начин.
Истовремено, враќањето на меѓународното право во телата на ОН ќе ја зголеми и функционалноста на самата организација, која ќе може навреме да реагира и да спречува конфликти и кризни ситуации низ светот, што, впрочем, е една од нејзините основни функции.

Штом големите сили сакаат да ги направат ОН пофункционални од аспект на почитување на меѓународното право, тоа ќе биде шанса и за помалите земји, користејќи го Генералното собрание каде што се носат одлуки со просто мнозинство да отворат одредени прашања за кои сметаат дека се спротивни на меѓународно право, а се на нивна штета.
Експертите сметаат дека ваквиот пристап би бил добар и кога станува збор за Македонија, која во трите децении самостојност стана школски пример како се прекршува меѓународното право по сите основи без некој да понесе одговорност. Почнувајќи од самиот пример со приемот на земјава во ОН под привремена референца спротивно на волјата на македонските граѓани, потоа со меѓународноправно неиздржаното грчко ембарго, преку оспорувањето на уставното име на државата, до сегашното оспорување на идентитетот, јазикот и историјата од страна на Бугарија.
Ова се еклатантни примери каде што ОН не реагирале на прекршување на меѓународното право, така што сега одново се враќа шансата светската организација да ги ревидира овие постапки и да ги исправи направените грешки. Некои од тие експерти и натаму се на ставот дека правото не познава застарување и дека некои работи, особено кога станува збор за Македонија, би можеле во иднина и да се исправат, токму потпирајќи се врз начелата на меѓународното право.
Македонската дипломатија треба да биде свесна за новите можности што се отвораат за да се воспостави вистинско функционирање на меѓународното право и треба однапред да ги предвидува можностите што ѝ се нудат. Во таа насока, легитимно е во одреден момент во ГС на ОН да се отворат некои прашања што довеле да се прекршат меѓународните правни норми врз грбот на Македонија и да се побара усогласување со меѓународното право преку поништување на одредени бесправни одлуки.
Се разбира, пред да се преземе каков било чекор треба во континуитет да се работи на лобирање кај повеќето членки на ОН, вклучувајќи и кај некои од поголемите и моќни светски држави, така што кога во одреден момент би го отвориле тоа прашање пред Генералното собрание, тоа да помине со потребното мнозинство.

Оваа идеја веќе подолг период ја застапува универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, според кого, шансата Македонија да го врати уставното име е токму во Генералното собрание на ОН, каде што неодамна помина и Резолуцијата со која со големо мнозинство беше осудена руската инвазија врз Украина.
– Со изгласувањето на Резолуцијата со која се осудува кршењето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина од страна на Русија, всушност, ОН дадоа најдобар пример како Македонија може да побара враќање на нејзиното уставно име „Република Македонија“. Ова е пример како треба да се решава проблемот за името во ОН, имајќи предвид дека за членските права (продолжување на членството под „Република Македонија“) Генералното собрание на ООН може да донесува обврзувачки одлуки! Генералното собрание на ООН има примарна надлежност за членските права во ООН – појаснува професорот Јанев.
Тој смета дека Генералното собрание е шансата за Македонија за да си го врати името, со што ќе ги снема и последиците што произлегоа од промената на уставното име, како загрозениот идентитет.
– Јас три децении предлагав иста тактика, да се префрли прашањето за продолжување на членството на БЈРМ/Северна со „Република Македонија“ во Генералното собрание на ОН.
Нормално, пред предлогот за продолжување членството во ООН под „Република Македонија“ би требало да се раскине Преспанскиот договор. Потоа, во Генералното собрание се гласа за резолуцијата за продолжување на членството во ООН под „Република Македонија“, со просто мнозинство од присутни и што гласаат. Овде нема право на вето.
Ако помине Резолуцијата на Генералното собрание на ОН со просто мнозинство, ќе добиеме право да го носиме името „Република Македонија“. Со тој чекор проблемот со идентитетот и името завршува – појаснува професорот Јанев, коментирајќи како може да се испочитува меѓународното право.

Несомнено, ОН мораат да се вратат на постулатите врз кои беа создадени пред 77 години, а чија основна идеја водилка беше токму почитувањето на меѓународното право како гарант за светскиот мир и правата на сите земји. Во овој момент веќе се одвиваат чекори во таква насока, за што говори и личниот ангажман на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во конфликтот меѓу Русија и Украина. Можеби овие нови ветришта ќе донесат некоја нова енергија во справувањето со светските проблеми, но за да се случи тоа, меѓународното право треба конечно вистински да профункционира низ сите тела на мултилатералните институции. Македонија сигурно е најдобриот пример врз кој ОН ќе покажат дека се вратиле на старите патеки.