КОШАРКА – ЧИКАГО Е ХИТ НА ПОЧЕТОКОТ НА СЕЗОНАТА
По две недели, нема веќе непоразени во НБА

Чикаго булс конечно успеа да ги прекине годините на просечни игри и со одличните резултати го доби епитетот на хит во воведниот дел од кошаркарската сезона во НБА-лигата. Одличните игри и четирите победи во исто толку натпревари најавуваат дека Чикаго може да биде тим за пласман во горната половина на Источната конференција, но малкумина очекуваа дека тимот на тренерот Били Донован ќе биде и најинтересниот во лигата.
Серијата од четири победи на Чикаго ја прекина Њујорк, со победа со еден кош разлика (104-103), но триумфот испуштен во последните моменти од мечот не ги поколеба „биковите“, па само два дена по поразот Чикаго му го нанесе првиот пораз на можеби најтешкиот негов ривал, тимот на Јута, кој дотогаш беше клубот што не знаеше за пораз.
Откако ја совладаа Јута со 107-99, Чикаго само потврди дека има значително повисоки амбиции од носењето на епитетот октомвриски хит. Иако е рано да се зборува за тоа каков ќе биде расплетот на сезоната, која неодамна почна, игрите на Чикаго навестуваат дека оваа е генерацијата што би можела конечно да го освои шампионскиот прстен или, во најмала рака, да биде прва во својата дивизија, првпат од 2012 година.
Моментно, по шест натпревари на Истокот, на табелата водат Њујорк, Чикаго, Вашингтон и Мајами, сите со по пет победи и еден пораз, во Западната конференција ист ефект има Голден стејт, а и Јута има еден пораз (од пет меча).


Бојан Влакевски и Бранко Манев освоија бронзен медал со репрезентацијата на Хрватска

КУГЛАЊЕ – ЕКИПНО СП ВО ПОЛСКА
Четврто злато во низа за Србија

Машката репрезентација на Србија шести пат ја освои титулата екипен светски првак, откако во финалето на 9. Светско екипно првенство (СП), во Полска, ја совлада Германија, со 3.981-3.918 во соборени кегли (5-3 во поединечни сетови). Со тоа, Србија четврти пат во низа триумфира на СП. Притоа, Чонгор Барањ постави светски рекорд, со 738 соборени кегли, за четири кегли повеќе од рекордот на Унгарецот Тамаш Киш, но беше поставен и екипен рекорд – 4.140, за 128 кегли повеќе од поранешниот рекорд на Унгарија (4.012).
Поранешните македонски куглари Бојан Влакевски и Бранко Манев освоија бронзен медал на СП во Полска со репрезентацијата на Хрватска. Во мечот за третото место, Хрватите ја совладаа Австрија, со 3.925-3.850 во соборени кегли (7-1), а во овој меч и Влакевски и Манев остварија победи на втората, односно на шестата патека.
Во женска конкуренција, златото го освои Германија, која во финалето ја совлада Чешка, со 3.823-3.6280 (7-1), а бронзата ја освои Хрватска, која во дуелот за третото место ја победи Србија со 3.670-3.602 (5-3).
Репрезентацијата на Македонија не се пласира во вториот круг, откако во групата Ц загуби од Словачка, со 3.724-3.803 (1-7), а потоа и од Србија, со 3.674-3.922 (1-7). Македонија најдобриот пласман го има на СП во Унгарија во 2013 година, кога стана вицешампион.


Бенедик: Напорното патување остави трага на нашата игра

Напорното патување остави трага на нашата игра. Би го пофалил Сашо Трпковски за константно добрата игра, другите игравме само на моменти. Против Словачка целта ни беше победа, но, за жал, не ја одигравме нашата игра. Борба имаше, не се предававме до крајот, но не успеавме во решавачките моменти да ја искористиме слабата игра на Словаците. Против Србија влеговме поопуштено, а Ибрахим Мемеди одигра одлични три сета, додека другите бевме просечни. Се надевам дека на следното СП ќе биде подобро, во смисла на поквалитетни услови за подготовки, ни изјави капитенот на македонската репрезентација, Борис Бенедик.