Роналдо: Мора да ги кренеме главите и да продолжиме кон следниот предизвик

Кристијано Роналдо ја фрли капитенската лента пред крајот на мечот Србија – Португалија (2-2), лут на судиите поради непризнаениот гол во 90-та минута во мечот од квалификациите за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година. Португалците сметаа дека топката со цел обем ја поминала гол-линијата. Во квалификациите не се користи системот видеопомошник-судија (ВАР) ниту системот око соколово за гол-линијата.
– Постојат моменти што се тешки за справување, особено кога чувствуваме дека целата нација е казнета. Мора да ги кренеме главите и да продолжиме кон следниот предизвик – напиша Роналдо на својот инстаграм-профил.
За селекторот на Португалија, Фернандо Сантос, овој меч беше јубилеен, 1.000-ти како главен тренер на клупско и на репрезентативно ниво.
– Судијата ми се извини веднаш по натпреварот и сега не ни останува ништо друго туку да продолжиме понатаму. Ја проучувавме играта на Србија, знаевме што можат сторат, ги предупредував моите играчи за тоа. Имавме целосна контрола во првото полувреме, но го загубивме фокусот во второто и не успеавме да ја задржиме Србија, која тргна напред – изјави Сантос. Л.Д.


Турција реди победи, Лукаку ѝ донесе еден бод на Белгија, рекорд на Модриќ

Фудбалската репрезентација на Турција продолжи со добрите игри, забележувајќи ја втората победа во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година, овој пат на гости над Норвешка, со 3-0. Поради рестриктивните мерки за ковид-19, мечот се одигра во Малага (Шпанија). За Турција ова е најдобар почеток во квалификациска кампања за СП. Чешка и Белгија ремизираа, 1-1, а Ромелу Лукаку го постигна 59-от гол на 91-от меч за Белгија, 39-ти на претходниот 31 меч. Само осум европски фудбалери имаат повеќе голови од Лукаку. Хрватска го совлада Кипар со 1-0, при што капитенот Лука Модриќ го одигра рекордниот 135-ти меч за Хрватска. Л.Д.


Луксембург по 12,5 години победи во квалификации на гости

Најголемото изненадување во ова коло од квалификациите за СП 2022 го направи Луксембург, со триумфот на гости кај Р Ирска, со 1-0. За Луксембург ова е прва победа во квалификациите на гости од септември 2008 година, вкупно трета на гости во квалификации за СП или за ЕП, на 124 меча (10 ремија и 111 пораза). Ирците првпат почнуваат квалификации за СП со два пораза по ред, по циклусот за СП 1970. Селекторот Стивен Кени и на 10-от меч е без победа (четири ремија и шест порази), од назначувањето на таа функција во минатата година. Л.Д.