По ширењето на коронавирусот, Јапонците во повеќе наврати рекоа дека нема никакви планови за откажување на Игрите, а тоа е став и на Интернационалниот олимписки комитет

Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио се „сериозно загрижени“ за ширењето на коронавирусот и влијанието што може да го има врз Игрите летово, објавија на прес-конференција.

– Ние сме крајно загрижени од ширењето на заразниот вирус, кој може да предизвика многу неволји во подготовките за Игрите – рече извршниот директор на Организацискиот комитет (ОК) на Игрите во Токио, Тоширо Муто, додавајќи оти верува дека тој ќе биде „искоренет што е можно побрзо“.

Во Кина се регистрирани повеќе од 24.300 случаи на заразени од вирусот, 490 луѓе починале. Во Јокохама во карантин е еден крстосувачки брод откако било откриено дека на него има 10 лица заразени од вирусот. Во Јапонија засега нема смртни случаи. Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи избувнувањето на вирусот како глобална здравствена вонредна состојба, но истакнува дека сѐ уште не станува збор за „пандемија“.

Јапонски владини претставници, вклучувајќи го и премиерот Шинзо Абе, велат дека ќе работат напорно за да се минимизира какво било влијание врз Игрите, кои почнуваат на 24 јули. Сабуро Кавабучи, „шефот“ на олимпиското село каде што ќе престојуваат 11.000 спортисти, вели дека очекува „мирна Олимпијада“.
– Ќе сториме сѐ што можеме за да ги заштитиме спортистите и да им овозможиме да го дадат најдоброто од себе – додаде тој.

Организаторите на ЛОИ во повеќе наврати рекоа дека нема никакви планови за откажување на Игрите, а тоа е став и на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Но некои проблеми се продлабочуваат секојдневно, откако олимписки квалификациски настани се откажани или се преместени на други локации.
Современите олимписки игри, кои датираат од 1896 година, не се одржуваа само за време на Првата и на Втората светска војна (1916, 1940 и 1944 година), а се соочија и со неколку бојкотирања. Во последните неколку децении ЛОИ еволуираа во спортски настан со огромни инвестиции од земјите домаќини, ТВ-компаниите, спонзорите итн.