На необичниот натпревар во своите дворови, кој го видоа 20.000 луѓе во преносот преку Јутјуб, Дуплантис и Лавилен имаа по 36 скока за 30 минути на висина на летвичката од пет метри. Трет е Кендрикс со 26 скока. „Гардијан“ пишува дека СА ја истражува можноста за одржување други натпревари во сопствениот двор, како фрлање ѓуле, скок во височина и во далечина

ПО НАТПРЕВАРОТ ВО СКОК СО СТАП

Актуелниот светски рекордер во скок со стап (6,18 м), Швеѓанецот Арманд Дуплантис (20) и олимпискиот шампион Французинот Рено Лавилен (33), го поделија првото место на натпреварот во скок со стап, на кој секој скокаше 30 минути во својот двор, со намера што повеќе пати да ја прескокнат летвичката на височина од пет метри.
И двајцата имаа по 36 скока. Третото место му припадна на двократниот светски првак Американецот Сем Кендрикс (27) со 26 скока. Британскиот дневен весник „Гардијан“ пишува дека Светската атлетика (СА) ја истражува можноста за одржување и други натпревари во сопствениот двор, како фрлање ѓуле, скок во височина и скок во далечина.

– Навистина ми недостигаше чувството на натпреварување. Можеби е лудо, но дури и кога го правам ова во мојот двор, го добивам истото чувство што би го имал на големите првенства. Беше многу возбудливо и среќен сум што бев дел од ова. Нема да го правам ова секоја недела, но ќе бидам среќен ако го правам еднаш годишно – изјави Лавилен.
Лавилен настапи покрај својот дом во Клермон-Феран (Франција), Дуплантис го користеше дворот на своите родители во Луизијана (САД), а Кендрикс ја постави патеката покрај својот дом во Мисисипи (САД).
– Беше забавно да се натпреварувам со овие момци. Не мислев дека ова ќе заврши нерешено, но тоа е спортот – рече Дуплантис.
Кендрикс вели дека подготвувањето за ова натпреварување бил неговиот најдобар тренинг цела пролет.

– Ние сме професионални натпреварувачи и мора да најдеме начин да го правиме тоа што го правиме. Ако летвичката беше на 5,40 м, можеби ќе беше поинаква приказната – рече Кендрикс.
Претседателот на СА, Себастијан Коу, беше еден од околу 20.000 луѓе што го следеа натпреварот во живо, преку Јутјуб.
– Многу сум горд на тројцата талентирани спортисти. Ова беше брилијантна иницијатива, одлична забава и навистина иновативна. Благодарност до нивните семејства, како и до тимот на СА што ја вратија во живо атлетиката и тоа во време кога беше прекината. Се надевам дека можеме да организираме уште неколку вакви настани – рече Коу.