Денеска, на 24 мај се навршуваат 10 години од искачување на македонскиот планинар и алпинист Здравко Дејановиќ на највисокиот врз на светот, Монт Еверест (8.848 метри).

– За мене, искачувањето на Монт Еверест има речиси пресудно значење. На Монт Еверест стекнав огромно искуство и знаење за тоа што е хималајска експедиција, пред се, како да се преживее во еден таков крајно ултимативен потфат кој трае повеќе од четириесетина дена. Таму, потоа на на врвовите К2 и Анапурна 1, оставав дел од себе, дел од мојата душа, кои вечно ќе бидат на тие возвишени места. Тие се дел од мене, живеам со нив, тоа се трите потпорни столба на мојот менталитет и карактер. Тие сега се дел од мојот идентитет, дел од мојата духовна надградба – вели Дејановиќ.

По повод 10-годишнината од искачување на „врвот на светот“, Дејановиќ наскоро ќе ја објави книгата насловена „Монт Еверест – ѕвонарот на височините“. Л.Д.