Македонскиот шахист, велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (2.577 рејтинг-поени, рангиран на 95-то место пред турнирот), го освои 101-то место на силниот турнир во Рига (Летонија), на кој настапија 108 шахисти (107 ВМ) од 37 држави. По 11 кола, Георгиев освои четири поени (две победи, четири ремија и пет порази). Првото место го освои Алиреза Фирузја (2.770, рангиран на третото место) од Франција со осум поени, втор е Фабијано Каруана (2.800, рангиран на првото место) од САД со 7,5, а трет Григориј Опарин (2.654, рангиран на 39-то место) од Русија, исто така, со 7,5 поени.
– Турнирот беше многу корисен за да се види мојата моментна форма. Контролата беше тешка за играње, имав четири партии што траеја по седум часа и веројатно одиграв најмногу потези на турнирот од сите. Со црни фигури загубив три партии во кои имав еднаква позиција. Сепак, да не заборавиме дека ова беше турнир на најсилните во светот и очекувам наскоро да им се реванширам на шахистите од кои загубив – ни изјави Георгиев.
Турнирот беше квалификациски, а најдобрите двајца се пласираа на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, во 2022 година, а следните шест шахисти обезбедија место на ист ваков турнир како во Рига, в година, и тоа Опарин, Јнгуи Ју, Винсент Кејмер, Максим Вашер-Леграв, Александар Предке и Алексеј Широв.