Забраната за стоење на трибините се покажа како неспроведлива, затоа што илјадници навивачи редовно ја прекршуваат на начин што веројатно е понесигурен отколку на поконтролиран начин да им се дозволи да стојат
ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА И ВО ЧЕМПИОНШИП ОД 1 ЈАНУАРИ
Навивачите ќе можат да стојат на трибините
Клубовите од Премиер-лигата и од Чемпионшип во Англија имаат рок до 6 октомври да поднесат апликација до Управата за безбедност на спортски терени (СГСА), за да им се одобрат безбедни области за стоење на трибините.
– Доколку им бидат одобрени, тие ќе може да понудат лиценцирани области за стоење од 1 јануари 2022 година – велат од СГСА, пренесува „Би-би-си“.
Од 1994 година, во Англија и во Велс стадионите на кои се играат натпревари во Првата и во Втората лига мораа да бидат целосно за седење. Стоењето во првите две лиги беше забрането по катастрофата во Хилсборо во 1989 година, во која животот го загубија 97 навивачи на Ливерпул.
Во последните сезони кампањите повикуваа повторно да се дозволи стоење на некои делови од трибините на кои има седишта, но кои може да се претворат во стоечки области. Во 2018 година, новото упатство од СГСА дозволи употреба на седишта како што се употребуваат во железничкиот превоз. Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Вулверхемптон имаат такви седишта на нивните стадиони.
Забраната за стоење на трибините се покажа како неспроведлива, затоа што илјадници навивачи редовно ја прекршуваат на начин што веројатно е понесигурен отколку на поконтролиран начин да им се дозволи да стојат. Во Англија и во Велс со години се води кампања за користење седишта како во железницата, какви што повеќе години се користат во Германија, а ги има и на стадионот на Селтик во Глазгов од 2016 година.
Асоцијацијата на фудбалски навивачи (ФСА) го поздрави потегот со кој завршува „кампањата за безбедна заштита, која трае повеќе од три децении“.
– Постои традиција навивачите да стојат на натпреварите, тие ја подобруваат атмосферата, а со соодветно управуваните и лиценцирани места за стоење им се гарантира безбедноста. Со тоа завршува фарсичната ситуација, во која илјадници навивачи на секој стадион и натаму стојат, често на штета на оние што не можат или не сакаат да стојат – истакнува Пит Дајкин, координатор на кампањата за безбедност на ФСА. Л.Д.
ФУДБАЛ – ЗА СП 2022 ВО КАТАР
Седумнеделна пауза во Премиер-лигата
Во англиската Премиер-лига е можна седумнеделна пауза во средината од сезоната 2022/2023 за да се остави простор за подготовки на репрезентацијата за настапот на Светското првенство (СП) 2022 во Катар. Тоа значи дека дотогаш треба да се одиграат седум кола во Премиер-лигата, како и последните две во групната фаза во ЛШ, објави „Би-би-си“.
На состанокот на премиерлигашите, беше предложено натпреварите да се прекинат по 12 ноември и да продолжат на 26 декември. Сезоната исто така треба да започне една недела порано од вообичаеното, на 6 август, и да заврши една недела подоцна, на 28 мај 2023. Според тоа, финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) и во ФА-купот би биле поместени за јуни.
СП 2022 ќе започне на 21 ноември и ќе трае до 18 декември. Светската фудбалска федерација (ФИФА) веќе наложи дека играчите мора да бидат слободни од 14 ноември.
УЕФА планира натпреварите во групната фаза во ЛШ да ги заврши пред почетокот на СП, што ќе создаде поголем метеж во натпреварувачкиот календар. Тоа ќе наликува на ланската сезона, која започна подоцна поради ефектите од пандемијата на коронавирусот. Л.Д.
РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Во Кил видени 77 гола
Четирикратниот европски шампион (2007, 2010, 2012, 2020), германски Кил, првпат по 2014 година во Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет постигна повеќе од 40 гола на еден натпревар. Тоа се случи во 2-то коло, против норвешки Елверум (41-36), меч во кој мрежата се тресеше дури 77 пати, иако гостите успешно парираа во првите 20 минути (20-20). Со оваа победа, Кил се израмни со Алборг на врвот во групата А, со по четири бода. Многуте голови се доказ на исклучителната ефикасност во нападот и на двете страни, на Кил 75 отсто, а на Елверум 65 отсто. Со по седум гола, Харалд Рајкинд (Кил) и Ерик Јохансон (Елверум) беа најдобри стрелци.
По ремито против Елверум на гости, прва победа во ЛШ забележа Вардар, кој во Скопје убедливо го совлада белорускиот претставник Мешков, со 35-27. Во преостанатите средби од ова коло, унгарски Сегед убедливо го совлада хрватски Загреб, со 30-21, а истото тоа го стори и дански Алборг против француски Монпелје, со 36-28.
Во следното коло, в среда, Вардар го пречекува европскиот вицепрвак Алборг, а Загреб ќе игра со Елверум, ден подоцна Мешков ќе му биде домаќин на Сегед, а Монпелје на Кил. Синоќа, пак, во дуелите од 2-то коло во групата Б, играа: Барселона – Мотор, Киелце – Веспрем, Порто – Фленсбург и ПСЖ – Динамо Букурешт. Г.И.