Во случај организацијата да ја добие Барселона, според некои најави, натпреварите во скијачки скокови би можеле да се одржат во Сараево, кое беше домаќин на ЗОИ 1984
Ако Барселона ја добие организацијата на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2030 година, едно натпреварување можеби ќе се одржи во Сараево. Досега кандидатура за ЗОИ 2030 најавија Солт Лејк Сити (САД), Сапоро (Јапонија) и Барселона (Шпанија), потврди Октавијан Морариу, првиот човек на Комисијата за процена на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Во случај организацијата да ја добие Барселона, скијачките натпревари би се одржале во Андора, освен едно, а тоа се скијачките скокови. Како што пренесува агенцијата АФП, натпреварите во скијачки скокови би можеле да се одржат во Сараево. Сепак, не се исклучува можноста таму да се одржат и натпреварите во боб и во санкање.
Според информациите од Сараево, првите контакти за оваа идеја биле воспоставени уште пред една година. Ако се оствари ова, тогаш по 46 години олимпискиот дух повторно би се вратил во Сараево и би потсетил на ЗОИ, кои беа организирани во овој град во 1984 година (тогаш како дел од поранешна Југославија) и кои тогаш се прогласени за дотогаш најдобро организирани ЗОИ.
ИОК дозволува градови да бидат коорганизатори, а таков пример ќе има и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година во Париз, каде што натпреварите во сурфање би требало да се одржат на Тахити.
Солт Лејк Сити (во 2002 година) и Сапоро (1972) веќе имаа можност да бидат домаќини на ЗОИ, а Барселона, пак, беше организатор на Летни олимписки игри (1992). ЗОИ во 2022 година ќе се одржат во Пекинг, а во 2026 година во Милано и во италијанскиот скијачки центар Кортина д`Ампецо.