РАКОМЕТ – ИХФ

Одговорност на ИХФ е да организира безбедно СП и правиме максимални напори да го сториме тоа со примена на мерки што се покажаа како ефективни, пишува ИХФ
Зачувувајќи го здравјето на играчите, што е од најголема важност за Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), создадовме план за медицински мерки на претпазливост за да ги заштитиме играчите со намалување на ширењето на инфекциите од ковид-19 на минимум. Со тоа што бараме од сите засегнати страни на СП да направат ПЦР-тест пред пристигнувањето, се осигуруваме дека ниту еден учесник не е заразен при пристигнувањето во земјите-домаќини. Ова стана уште поважно по укинувањето на ограничувањата во повеќето земји низ светот, што доведе до зголемен ризик од заразување, се вели во соопштението објавено од ИХФ во пресрет на Светското првенство (СП) во Полска и во Шведска од среда.
ИХФ ги објави ковид-протоколите за натпреварувањето, според кои сите ракометари ќе бидат тестирани пред првиот меч, пред главната групна фаза и пред четврт-финалето. Во случај на позитивен случај на ковид-19, тој ракометар или член на стручниот штаб ќе замине во петдневен карантин и потребен му е негативен тест потоа, за да заигра.

– Планираните тестови се најефективната мерка за да се спречи ширењето на вирусот. Понатаму, воспоставивме план за тестирање што ќе се применува за време на СП за да се увериме дека сите играчи се здрави и способни да ги играат мечевите. Во овој контекст, изолираните играчи ќе бидат сместени во посебна просторија, но нема да бидат затворени во таа просторија пет дена. Што се однесува до гледачите, има доволно растојание и од играчите се бара да не бараат контакт со публиката. Нашиот медицински тим на самото место внимателно ќе ја следи ситуацијата за време на турнирот и затоа тој е предмет на промена во секое време, во зависност од развојот на ситуацијата поврзана со ковид-19 за време на турнирот. Одговорност на ИХФ е да организира безбедно СП и правиме максимални напори да го сториме тоа со примена на мерки што се покажаа како ефективни – пишува ИХФ. Г.И.