Македонската женска репрезентација вечерва загуби од селекцијата на Словенија со 27-20 во четвртиот дуел од ЕХФ Еуро Купот.

За „црвено-жолтите“ ова е четврти пораз во групата и втор последователен од словенечката репрезентација.

Натпреварот кој се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ имаше две различни полувремиња. Во првите 30 минути, Македонките прикажаа добра игра и до пред паузата парираа со 11-11, за на полувреме да се отиде со 13:11 за Словенките.
Во вториот дел, гостинките влегоа многу помотивирано и поборбено и заслужено стигнаа до победата.

Најефикасна во македонскиот национален тим беше Сара Ристовска со седум голови, а кај Словенките најпрецизна беше Ана Грос исто така со седум погодоци.

Избраничките на селекторот Љубомир Савевски последните два меча од ЕХФ Еуро Купот ќе ги одиграат во април кога за противник ќе го имаат актуелниот европски првак Норвешка.

На табелата води Норвешка со 8 бода, Словенија и Црна Гора имаат по 4, Македонија е последна без бодови.