Фото: Игор Бансколиев

Моментално Македонија е втора во групата еден, но има ист број бодови, четири, како и Турција, додека Луксембург е без освоен бод, со што ги загуби шансите за пласман

РАКОМЕТ – ПО ВТОРИОТ ПОРАЗ ОД ПОРТУГАЛИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024

Македонската машка ракометна репрезентација го доживеа и вториот последователен пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година (10-28 јануари) во Германија, откако и на гостински терен во Матосињос, близу Порто, загуби од Португалија со 27-32, на полувреме 11-15. Три дена претходно истата селекција славеше и во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со 29-23, со што по четвртиот меч во групата еден, веќе обезбеди пласман на ЕП. Ова досега беше вкупно десетти дуел помеѓу Македонија и Португалија, а Португалците имаат две победи повеќе.
Филип Кузмановски беше најефикасен стрелец во македонските редови, со десет погодоци од 15 шута (67 отсто), пет од можни шест (83 отсто) реализира Мартин Серафимов, додека Ненад Костески даде три гола од четири удари (75 отсто). Голманот Мартин Томовски имаше девет успешни одбрани од 33 удари (27 отсто). Македонија оствари процент на ефикасност од 59 отсто (27/46), додека Португалија 67 отсто (32/48).
По овој пораз, Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров, сега шансата да го освои второто место во групата еден, а со тоа и да биде дел од ЕП следната година, ќе мора да ги трасира со победи во априлскиот циклус против селекцијата на Луксембург на гости и против Турција во Скопје. Моментално Македонија е втора, но има ист број бодови, четири, како и Турција, додека Луксембург е без освоен бод, со што ги загуби шансите за пласман. На ЕП 2024 пласман обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група, како и најдобрите четири третопласирани селекции од осумте квалификациски групи.
По третиот циклус натпревари, осум селекции со по осум бода веќе се пласираа на ЕП. Тоа се: Португалија (група еден), Австрија (четири), Унгарија (шест), Словенија (седум) и Франција (осум). Без победа, односно без ниеден освоен бод, а со тоа и без шанси за пласман на ЕП, се репрезентациите на Луксембург (еден), Белгија (четири), Косово (седум) и Летонија (осум). Моментално најдобри четири репрезентации што би можеле да обезбедат пласман на ЕП, но како третопласирани во групите (ако остане ваков редоследот на табелите и по завршувањето на последните два натпревара) се селекциите на Холандија (група пет, моментално со три бода), Фарски Острови (група четири, два бода), Италија (група осум, без бодови) и Грузија (група шест, без бодови). Г.И.


Групите низ бројки

Најмногу дадени голови – Унгарија (150)
Најмалку дадени голови – Летонија (83)
Најмногу примени голови – Летонија (137)
Најмалку примени голови – Исланд/Чешка (87)
Најдобра гол-разлика – Унгарија (44)
Најлоша гол-разлика – Летонија (54)


Португалија – Македонија 32-27
Турција – Луксембург 31-20

ТАБЕЛА
Португалија 4 4 0 0 8
Македонија 4 2 0 2 4
Турција 4 2 0 2 4
Луксембург 4 0 0 4 0
Идно коло, 26 април: Турција – Португалија (17 ч.), Луксембург – Македонија (20.15 ч.)