Холандија, која беше 17-та на ЕП 2020, а 10-та две години подоцна, на СП првпат игра по пауза од 62 години, откако годинава настапува со покана од ИХФ. Таа е предводена од два извонредни бека, средниот Лук Стеинс (еден од најдобрите европски играчи во претходните години, двапати најкорисен играч на француската лига) и десниот Кеј Смит (четврти стрелец на ЕП 2022, со 45 гола). Македонија и Холандија играат утре од 18 часот во второто коло на групата Ф

РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Македонската ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, по првиот натпревар одигран синоќа против фаворизираната Норвешка, утре од 20.30 часот, во полскиот град Краков, треба да го одигра и вториот меч од групата Ф на 28-то Светско првенство (СП) во Полска и во Шведска. За разлика од Норвешка, Холандија е најнеискусна селекција во групата, оти на СП играла само еднаш, и тоа во 1961 година, кога го освоила 11-то место, а сега настапува откако доби вајлд-карта од Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
Црвено-жолтите треба да бидат претпазливи, оти Холандија е во постојан подем претходниве години. На Европското првенство (ЕП) во 2020 година таа беше 17-та, но две години подоцна, со неколку одлични натпревари, ја елиминира Унгарија во прелиминарната рунда и го освои 10-то место на ЕП 2022, што претставуваше големо изненадување.
Холанѓаните ги предводат два извонредни бека, средниот Лук Стеинс и десниот Кеј Смит. Првиот беше еден од најдобрите европски играчи во претходните години, двапати најкорисен играч (МВП) на француската лига, играјќи за ПСЖ, а вториот беше на чекор да стане најдобар стрелец на ЕП 2022, но паузираше поради позитивен тест на ковид-19, завршувајќи на четвртото место, со 45 гола. Холандија ја предводи искусниот шведски селектор Штафан Олсон, кој дојде на чело минатото лето. Во подготвителниот период пред ова СП, Холандија ги загуби двете пријателски средби, од Франција со 32-43 и од Чешка со 30-33. Селекторот Олсон донесе голема промена во играта, но не се прослави во почетокот на квалификациите за ЕП 2024, кога репрезентацијата настапи некомплетна, а забележа тесна победа над Белгија и загуби од Грција.
Македонската репрезентација во подготвителниот период одигра четири натпревари, оствари победа (38-33) и пораз (30-31) на дуелите со Црна Гора (30-31), а на турнирот во Хрватска загуби од домаќинот (34-40) и го победи Израел (38-37). На овие натпревари црвено-жолтите настапија некомплетни. Г.И.