Фото: Игор Бансколиев

Франција – Шведска и Шпанија – Данска се полуфиналните двојки за денеска на СП 2023, како што беше и на СП 2011 и 2021 и на ЕП 2022. Македонија го освои 27-то место во конкуренција на 32 селекции

РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Франција – Шведска и Шпанија – Данска се полуфиналните двојки за денеска на 28-то Светско првенство (СП) во ракомет за мажи во Полска и во Шведска, по четфртфиналните дуели, во кои имаше многу драматичност, неизвесност, продолженија, одлични потези, голема спортска енергија на терените. Ваквиот расплет на мундијалите е виден и во 2011 и во 2021 година, а еднаш и на Европското првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка лани.
Натпревар што ќе се памети беше оној помеѓу Шпанија и Норвешка, во кој се играа продолженија и во кој Норвешка пропушти речиси добиено полуфинале. Кодомаќинот и актуелен европски првак Шведска имаше серија од 7-0, која траеше повеќе од 12 минути, што се покажа како решавачко за победата на мечот со Египет. Олимпискиот шампион Франција во мечот со Германија заигра во голем стил и направи солидна предност, благодарение најмногу на голманот Реми Дебоне, кој имаше 14 одбрани (47 отсто ефикасност) за да ја обезбеди седмата победа (35-28) на својата селекција. Актуелниот светски првак Данска го израмни рекордот за најголема победничка разлика во четврт-финале на мундијалите, во победата на мечот со Унгарија (40-23), со што ја зголеми низата без пораз на СП на 26 меча, што е и нов рекорд.
Македонија со победата над Јужна Кореја со 36-33 го заврши ова СП, со вкупно три победи и четири порази, на 27-то место меѓу 32 селекции. Во Претседателскиот куп (мечеви за пласман од 25-то до 32-то место) најмногу покажа Тунис, кој го освои 25-то место со победата на дуелот со Чиле, со 38-26.
Во македонските редови неколку ракометари постигнаа двоцифрен број голови, најефикасен е бекот Филип Кузмановски со 37 гола, а потоа се Филип Талески со 27, Дејан Манасков со 24, Жарко Пешевски со 19, Мартин Серафимов со 18, Игор Ѓоргиев и Петар Атанасијевиќ со по 13, Костадин Петров со 11, Марко Стојковиќ со 10… Македонската репрезентација постигна вкупно 221 гол на седум меча, или 31,5 гола во просек по натпревар. Македонија на СП 2023 во прелиминарната фаза загуби од Норвешка (27-39), Холандија (24-34) и од Аргентина (26-35), а во Претседателскиот куп од Тунис (28-33), а победи на дуелите со Алжир (40-25), Мароко (40-25) и со Јужна Кореја. Г.И.


СП 2023

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Франција – Германија 35-28
Шведска – Египет 26-22
Норвешка – Шпанија 34-35
Данска – Унгарија 40-23
ЗА ПЛАСМАН ОД 5. ДО 8. МЕСТО
Германија – Египет 15.30 ч.
Норвешка – Унгарија 18 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ
Шпанија – Данска 18 ч.
Франција – Шведска 21 ч.
в недела се мечевите за седмото место (13 ч.), за петтото (15.30 ч.), за третото (18 ч.) и финалето (20.30 ч.)

ПРЕТХОДНИ ПОЛУФИНАЛИЊА СО ИСТИТЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ КАКО НА СП 2023
СП 2011: Полуфинале: Франција – Шведска 29-26, Данска – Шпанија 28-24. Финале: Франција – Данска 37-35. За третото место: Шведска – Шпанија 23-24.
СП 2021: Полуфинале: Шпанија – Данска 33-35, Франција – Шведска 26-32. Финале: Данска – Шведска 26-24. За третото место: Шпанија – Франција 26-24.
ЕП 2022: Полуфинале: Франција – Шведска 33-34, Шпанија – Данска 29-25. Финале: Шведска – Шпанија 27-26. За третото место: Франција – Данска 32-35