Сè пожешките ноќи, кои се последица на климатските промени, го нарушуваат сонот на луѓето низ светот. Новите истражувања покажуваат дека просечниот човек денес губи повеќе од 50 часа сон годишно или речиси седум ноќи сон поради високите ноќни температури. Бидејќи тропските и топли ноќи – кога температурата во текот на ноќта не паѓа под 20 Целзиусови степени – се сè почести, последиците сѐ повеќе се одразуваат врз здравјето на населението.
Анализата, која го опфати периодот од 2020 до 2025 година, покажува дека просечниот човек губи речиси 56 часа сон годишно поради високите ноќни температури. Споредбата со почетокот на 1970-тите покажа дека речиси во сите над 1.300 анализирани градови, количеството на изгубен сон поврзан со климатските промени е најмалку двојно зголемено. Најголемо губење сон е забележано на Блискиот Исток и Југоисточна Азија, каде што жителите годишно губат меѓу 55 и 91 час сон поради топлите ноќи. Во раните 1970-ти, жителите на просечен град од 500.000 луѓе губеле околу 46 часа сон годишно поради ноќните горештини. До 2020-тите тој број се зголеми на околу 50 часа, а во периодот од 2020 до 2025 година достигна 56 часа. Истражувањата покажуваат дека климатските промени имаат сѐ поголем удел во овој пораст.
Иако жешките ноќи го погодуваат речиси целиот свет, нивниот ефект не е еднаков во сите региони. Во Европа најголемо губење на сонот е забележано на југот на континентот. Жителите на Неапол изгубиле во просек 51 час сон годишно поради високите ноќни температури во последните пет години. Загуба од 45 часа е забележана во Атина, 42 часа во Валенсија, Шпанија, додека жителите на Лисабон и Марсеј изгубиле околу 40 часа сон годишно. Не е поштеден ниту северот на Европа, иако последиците се помалку изразени. Во Единбург жителите изгубиле околу 21 час сон годишно, во Стокхолм и Хелсинки по 20 часа, додека најмал удар е забележан во Осло, каде што просечната загуба била 18 часа.
































