Американската скијачка неделава ја надмина сонародничката Вон и со новиот триумф во Кронплац има вкупно 84 триумфи во Светскиот куп, два помалку од вкупниот рекорд што го држи славниот Швеѓанец Стенмарк

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Микаела Шифрин, само 24 часа откако стана најуспешната во Светскиот куп (СК) во алпско скијање на сите времиња, го направи она што ѝ е сосема природно и повторно победи на велеслаломска трка, вторпат сезонава во Кронплац (Италија), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Американската скијачка неделава ја надмина сонародничката Линдзи Вон (која во кариерата забележа 82 победи) и сега со новиот триумф во Кронплац има вкупно 84 триумфи во Светскиот куп, два помалку од вкупниот рекорд што го држи славниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк.
– Мислам дека помеѓу втората трка во Крањска Гора и овие две трки, тоа е најдоброто велеслаломско скијање што некогаш сум го направила. Го сакам чувството што го имам на велеслаломските скии во моментов. Сезонава размислував дали можам да остварам четири победи, пет победи, можеби шест, и тоа ќе беше одлична сезона. Сега има девет сезонава, мислам. Тоа всушност ми е доволно. Не ми треба повеќе, но навистина ми се допаѓа скијањето на овој начин, па продолжувам да туркам – вели Шифрин.
Шифрин е рекордерка во слалом, со 51 победа, во велеслалом има 19 триумфи, еден помалку од рекордот на Френи Шнајдер (Швајцарија), а забележа и пет победи во супервелеслалом, по три во спуст и во градски трки, две во паралелслалом и една во алпска комбинација. Стенмарк се натпреваруваше од 1973 до 1989 година и забележа 46 победи во велеслалом (рекордер) и 40 во слалом.
Светскиот куп за скијачки продолжува утре и задутре, со две слаломски трки во Чешка, а потоа, од 6 февруари, почнува 47-то Светско првенство во алпско скијање, во Куршевел и во Мерибел (Франција).


НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО СВЕТСКИОТ КУП

Ингемар Стенмарк (Шведска) 86
Микаела Шифрин (САД) 84
Линдзи Вон (САД) 82
Марсел Хиршер (Австрија) 67
Анемари Мозер-Прел (Австрија) 62