Фото: Игор Бансколиев

Три години од членството во НАТО: Што доби Македонија, а што Алијансата од нас

Сѐ уште е помал бројот на годините што Македонија ги има како членка на НАТО, отколку бројот на годините што ги мина во чекалницата на Алијансата, а политичко-идентитетските жртви што ги поднесе државата за реализирање на својата гореспомената стратегиска цел уште од својата независност постојано го прават актуелен предизвикот на преиспитување на придобивките од остварувањето на истото тоа. Сепак, по три години полноправно членство на Македонија во Алијансата (целосно официјализирано во март 2020), речиси унисон одговор на воено-одбранбените аналитичари и на македонските политичари е дека актуелниот воен судир во Украина најпластично ги покажал бенефициите што Македонија речиси во „последен миг“, пред конфликтот, влегла под безбедносниот чадор на НАТО. За споменување е и дека се присутни и забелешките дека со членството во НАТО, Македонија прерасна и во легитимна цел за хибридни напади на воените опоненти (дури и противници) на Алијансата. Но, во секој случај, со членството е исполнета една стратегиска цел на Македонија и тоа воопшто не е мал исчекор кон исполнувањето на стремежите на плејада политички лидери од осамостојувањето во насока на безбедносна, политичка и економска стабилност и одржливост.

Македонија троши 2,6 отсто од својот БДП за одбрана

Покрај политичките оцени за придобивките на Македонија од членството во НАТО, се прават глобални анализи за заемниот интерес и придонес на земјите-членки и на Алијансата.
Според анализата на специјализираната агенција „Глобалдата“ (GlobalData), Македонија значително ќе ги зголеми трошоците за одбрана од 317 милиони долари во 2022 година на 542 милиони долари до 2027 година. Водечката компанија за податоци и аналитика забележува дека една од причините за таквиот пораст е финансирањето набавки на оружје и опрема што овозможуваат модернизација – бидејќи земјата сè уште работи претежно со стара опрема од советската ера. Освен тоа, Македонија ѝ донира на Украина различна опрема, вклучувајќи и тенкови, кои ќе треба да се заменат. Во најновиот извештај на „Глобалдата“, „Одбранбен пазар на Македонија 2022-2027“, се забележува дека иако сегашната потрошувачка на земјата од 317 милиони долари е мала во споредба со другите членки на НАТО, Македонија троши висок процент од својот БДП за одбрана (2,6 отсто) – повисок и од некои земји со поголеми економии, како Франција и Германија, кои трошат 1,9 и 1,8 отсто.
– Зголемената потрошувачка на Македонија сè уште е ниска во реална смисла, но, сепак, е восхитувачка во однос на нејзиниот БДП за трошење во споредба со сојузниците во НАТО. Македонија има преземено обврски за купување опрема, вклучувајќи и оклопни возила, а земјата ги зголемува и трошоците за набавка низ сектори како што е електронското војување – коментира Вилијам Дејвис, соработник во аналитичкиот тим во „Глобалдата“.
Извештајот на „Глобалдата“ нагласува дека конфликтот во Украина ќе го отежне снабдувањето со резервни делови за воената опрема на Македонија, која е главно од советската ера.
– И покрај фактот што Македонија ги зголеми трошоците за одбрана во последниве години и се предвидува дека ќе продолжи да го прави тоа, таа има голем број домашни проблеми што ќе претставуваат бариери за компаниите што сакаат да влезат на пазарот. Тоа ги вклучува прашањата за корупцијата и лошото управување, како и фактот дека буџетот има значителни ограничувања – пишува Дејвис.
На последната објавена ранг-листа за процентот на потрошувачка за одбраната, правена пред објавувањето на анализата на „Глобалдата“, Македонија беше рангирана на 12-то место, со 1,78 отсто од БДП. Со проекциите за зголемување на процентот од БДП за одбрана, Македонија се пласира во првите пет позиции според предвидениот буџет меѓу земјите-членки на НАТО.

Македонија и нејзината армија му се потребни на НАТО со искуството во
стратегиското, тактичкото и оперативното дејствување, кое никако не е за потценување

Искусните воени аналитичари потсетуваат дека вредноста на Македонија во НАТО не е исклучиво според тоа колку средства издвојува од својот БДП за одбрана. Колку што за Македонија е важно што е под безбедносниот чадор на НАТО, значајна придобивка на Алијансата е геостратегиската позиција на Македонија.
– Колку и да сме мала држава, колку и да сме ограничени со воената сила, Македонија и нејзината армија му се потребни на НАТО со искуството во стратегиското, тактичкото и оперативното дејствување, кое никако не е за потценување. Иако како држава сме зависни од увоз, од храна до оружје, Македонија и понатаму е воено-стратегиски најважна држава во регионот, што е важна придобивка за НАТО. Полигонот Криволак е еден од најдобрите воени полигони во Европа, за сите родови и оружја што ги користат армиите, а НАТО сега го има за користење речиси бесплатно. На Криволак можат да се изведуваат воени вежби на две бригади, симулирајќи борба една против друга. Во прилог на искуството и придонесот што Македонија го дава за НАТО, би потсетил на позитивната зачуденост своевремено на припадниците на превентивните воени сили на ООН во Македонија, УНПРЕДЕП, кои беа изненадени од поставеноста и уреденоста на нашата воена инфраструктура, иако бевме мала земја. Сепак, сметам дека е тажно што овие наши стратегиски адути не ги искористивме поразумно за да станеме членка на НАТО и дозволивме да се смени името на државата. Уште поразочарувачки е што и таквиот потег не ги отстрани понатамошните блокади во нашето меѓународно позиционирање како држава Македонија и како Македонци – вели поранешниот македонски генерал Митре Арсовски.

Членството во НАТО да биде двонасочен автопат

Од тригодишното полноправно членство на Македонија во НАТО, засега се евидентни политичко-стратегиските придобивки за двете страни. Македонија е дел од безбедносната структура на НАТО, што значи дека може да смета на гаранции за својата безбедност според членот 5 на Вашингтонскиот договор за колективна одбрана, според кој „нападот врз еден сојузник е напад врз целата Алијанса“. НАТО географски и стратегиски го заокружи јужното крило на својот европски блок.
Секако, тука е и обврската на Македонија да го подигнува процентот од БДП што би се вложувал во одбраната, но од досегашното искуство преовладува впечатокот дека во проекциите за унапредување на одбранбената инфраструктура според стандардите на НАТО како да не се предвидени механизми за вклучување на реалниот економски сектор од Македонија. Проекциите за модернизација на воената опрема секако се приоритет, во смисла на постигнување на стандардите за членство во една воена алијанса, но исто така во интерес на сите се модернизацијата и одржувањето на постојната воено-одбранбена инфраструктура во Македонија, во која најсоодветно е да се вклучат македонските компании од реалниот бизнис-сектор.
Во тој поглед, НАТО-партнерството како да запре исклучиво на политичко-стратегиските придобивки, а потребни се проширување и динамизирање на тоа партнерство со реалните економско-општествени чинители. Развојот на НАТО-партнерството треба да се движи двонасочно. Како што се бара зголемување на издвојувањата од националниот БДП за одбрана (најмногу за купување оружје од земјите партнери), исто така треба да се бараат начини ова партнерство да има позитивен придонес и за растот на македонскиот БДП. На тој начин, со придонес за подобрување на стандардот во Македонија, поголеми се можностите на вистински начин во македонското општество и меѓу македонските граѓани да се почувствуваат бенефициите од членството во НАТО, кое сѐ уште во голема мера се перципира како апстрактна придобивка за која е дадена голема национална жртва.
Се разбира, потребен е повеќегодишен стратегиски план, кој ќе ги опфати сите потенцијални можности, почнувајќи од активно учество во обнова и реконструкција на инфраструктурата – патишта, мостови, вежбовни полигони, сместувачки капацитети, преку отворање пошироки перспективи за користење на нашите производствени капацитети за снабдување на Алијансата со храна, облека, опрема, односно сето она што ги задоволува потребните пропишани стандарди. Можностите се големи, особено ако се пристапи соодветно за нивна реализација.