Тие средби добро ќе ни дојдат да ја уиграме и преорганизираме нашата игра. Се надевам дека ќе бидеме и играчки посилни со Ѓеорѓиевска и Штериова, ни изјави селекторот Савевски. Во четвртото коло на Еврокупот, македонските ракометарки вторпат загубија од Словенија, со 20-27, во Скопје

РАКОМЕТ – ЕВРОКУП

Женската ракометна репрезентација на Македонија и по четвртото коло на ракометниот Еврокуп не успеа да ги впише првите бодови. Во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, некомплетната Македонија го претрпе и четвртиот пораз, втор од Словенија. За разлика од дуелот во Целје, каде што Македонија испушти реми, овој пат поразот беше поубедлив, 20-27 (11-13). По четири кола води европскиот и светски првак, Норвешка, која во ова коло ја совлада Црна Гора со 40-23. Словенија и Црна Гора имаат по две победи.
– За разлика од мечот во Словенија, овој пат направивме многу технички грешки во нападот, промашивме неколку зицери, седмерци… Во првите 10 минути од вториот дел примивме многу брзи голови, а не возвративме. Во Целје, Словенија ни се одвои во еден момент, но успеавме да фатиме приклучок, што не беше случај сега.

Мислам дека и заморот си го стори своето, оти во Словенија играа 5-6 ракометарки речиси 60 минути. Нѐ очекува уште дуелот со Норвешка, а знаеме за каква силна репрезентација станува збор. Но нема што да загубиме со нив, може само да видиме колку сме далеку од нивната игра. Тие две средби добро ќе ни дојдат да ја уиграме и преорганизираме нашата игра. Се надевам дека ќе бидеме и играчки посилни со Елена Ѓеорѓиевска, која и сега работеше со нас, но само со додавање, без дуели, како и Марија Штериова, која полека закрепнува од повредата – ни изјави селекторот Љубомир Савевски.
Клучен период на мечот беше крајот на првиот дел и првите десетина минути од вториот, кога Словенките ја направија недостижната предност од седум гола, неколкуте избрзани грешки, како и трите неискористени седмерци. Кај Македонките, најефикасни беа Сара Ристовска со осум гола, Леонида Гичевска со четири, а Јована Мицевска имаше шест одбрани. Кај Словенија, очекувано, најефикасна беше Ана Грос, со осум погодока. Во годинашното издание на Еврокупот учесници се Норвешка и трите домаќини на Европското првенство годинава, Македонија, Црна Гора и Словенија.