Фото: ЕПА

Предводена од селекторот Михаел Сутер, Швајцарија имаше одличен подготвителен период, победувајќи ги Романија (37-31), БиХ (39-21) и Аргентина (35-27)

РАКОМЕТ – ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ ПРОТИВНИЦИТЕ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2024 (3)

Репрезентацијата на Швајцарија, третиот и последен ривал на Македонија на 16. Европско првенство (ЕП) во ракомет за мажи (10-28 јануари) во групата А, е многу послаб противник во однос на Франција и Германија, но воопшто не треба да се потцени. Швајцарија досега настапила на само четири ЕП (вкупно 15 меча, шест бода, две победи, две ремија и 11 порази) и моментно на ранг-листата на досегашните настапи е 23-та од 29 селекции. На ЕП 2002 е 13-та, на ЕП 2004 е 12-та, на ЕП 2006-та на домашен терен е 14-та и на ЕП 2020 е 16-та. Македонија досега нема одиграно меч со Швајцарија на ЕП, но затоа, пак, одиграла шест квалификациски дуели и во сите славела. Така, во 2012 година на домашен терен победила (30-24), во 2013 на гости (22-27), во 2014 дома (27-20), во 2015 на гости (26-17), во 2010 на гости (25-23) и во 2021 на свој терен (29-28).
Предводена од селекторот Михаел Сутер и искусниот бек, ветеранот Енди Шмид (40 год.), кој постигнал 1.075 гола на 215 меча, потоа Лени Рубин и голманот Никола Портнер (30), Швајцарија секако не помислува да се предаде предвреме, уште повеќе ако се знае дека во нивните редови играат само ракометари од домашното првенство (пет клуба) и седуммина во најсилната лига на светот, германската Бундес-лига (седум клуба). Тоа се: Никола Портнер, Лени Рубин, Максимилијан Гербл, Самуел Зендер, Самуел Ротлисбергер, Лукас Мејстер и Лукас Лаубе.
Швајцарија имаше одличен подготвителен период, победувајќи на три натпревари, Романија со 37-31, БиХ со 39-21 и 35-27 против Аргентина. Дуелот Македонија – Швајцарија е закажан во Берлин на 16 јануари (18 ч.). Г.И.


Состав на Швајцарија за ЕП 2024

Голмани: Никола Портнер (Магдебург, 12 меча, 25 гола); Леонард Грациоли (Хутенберг, 26/1). Леви крила: Марвин Лиер (Кадетен, 102/250); Лени Рубин (Вецлар, 69/253). Леви бекови: Лука Марос (Кадетен, 61/129); Мануел Зендер (Ајзенах, 19/81). Средни бекови: Енди Шмид (Криенс, 215/1075); Феликс Aелен (Берн, 3/6); Меди Бен Ромхане (Кадетен, 21/22). Десни бекови: Михаел Кусио (Берн, 6/0); Николас Раеми (Вакер Тун, 81/227); Максимилијан Гербл (Хановер, 57/88). Десни крила: Самуел Зендер (Лемго, 41/77); Седрие Туновски (Винтертур, 52/110). Пикери: Џоел Вилеке (Арау, 12/0); Лукас Мејстер (Магдебург, 79/193); Лукас Лаубе (Штудгарт, 18/39).