И додека се бараат правните логики како може партија од странство да учествува на македонските избори, повеќе од извесно е дека во игра е сценарио
за промоција на Курти како клучен фактор што треба да ги обедини сите Албанци во регионот, а во таквата намера очигледно му помагаат и политичарите од албанскиот политички кампус во земјава. Курти претходно подготви своја листа и за изборите во Албанија, а сега го прави тоа и во Македонија, ставајќи јасно до знаење дека работи на политичко и севкупно обединување на сите Албанци што се во рамките на границите на таканаречената голема Албанија

Продолжуваат активностите за инволвирање на косовското Самоопределување во македонските избори

И натаму не стивнуваат реакциите во македонската јавност по обзнанувањето од страна на Европскиот сојуз за промени дека на неговите изборни листи на претстојните парламентарни избори ќе се најдат и лица што се дел од владејачката партија Самоопределување на актуелниот косовски премиер Албин Курти, со што тој директно се вклучи во изборниот процес во земјава, но истовремено и се профилира како сеалбански лидер во регионот.
И додека се бараат правните логики како може партија од странство да учествува на македонските избори, повеќе од извесно е дека во игра е сценарио за промоција на Курти како клучен фактор што треба да ги обедини сите Албанци во регионот, а во таквата намера очигледно му помагаат и политичарите од албанскиот политички кампус во земјава. Курти претходно подготви своја листа и за изборите во Албанија, а сега го прави тоа и во Македонија, ставајќи јасно до знаење дека работи на политичко и севкупно обединување на сите Албанци што се во рамките на границите на таканаречената голема Албанија.
Тоа го демонстрираше за време на минатогодишната посета на Тетово, каде што беше пречекан како „премиер на сите Албанци“ и каде што стоеше гордо исправен пред големоалбанската иконографија.
Сето ова е потврда дека косовскиот премиер и неговата партија Самоопределување од самиот почеток имаат поширока амбиција од независноста на Косово.
– Косовската независност беше само првиот чекор кон конечното решавање на албанското национално прашање, онака како што Курти го замислува тоа. Хомогена национална држава што ги вклучува сите Албанци е една од нескриените цели на Курти и Самоопределување – вели социологот Владимир Вулетиќ, потсетувајќи дека тоа е начинот на решавање на националното прашање како што се применуваше во 19 век.
Според него, сѐ додека е ваков меѓународниот поредок, со тоа не може ништо да се направи, но кога доаѓа моментот кога целиот глобален поредок е на испит, кога се случуваат тензии и судири во различни делови од светот, тоа сериозно би можело да ги подгрее тензиите во регионот.

– Тоа тогаш на извесен начин ги хомогенизира не само Албанците туку и сите оние што една таква политика на Курти би ги загрозила – нагласува Вулетиќ.
Тој додава дека обидот за дестабилизација на Македонија би бил јасен сигнал на другите влади во регионот и предупредување дека тоа не е крајот на амбициите на Курти. Исто така тој уште посочува дека Курти на овој начин се обидува да ја зајакне сопствената позиција во однос на Белград.
– Неговата порака е јасна, ако не ни дозволите или помогнете веднаш и сега да го решиме прашањето за независноста на Косово, тогаш ќе го запалиме целиот Балкан – истакнува Вулетиќ.
Понатаму тој предупредува дека проширувањето на албанското прашање на целиот Балкан би можело да влијае врз целиот регион.
Дека Курти сака да се наметне како лидер на сите Албанци на Балканот смета и историчарот Александар Гуџиќ.

– Единствено така може да го коментираме фактот дека Самоопределување има намера да се кандидира на изборите во Македонија. Тоа јасно упатува на желбата на Курти да стане лидер на сите Албанци на Балканот. Тој е во Косово најпопуларен политичар, има најголема поддршка кај косовските граѓани од албанска националност и ова е негов обид да се профилира како апсолутен водач на Албанците на Балканот – истакнува Гуџиќ.
Од своја страна, политичкиот аналитичар Шкљезен Малиќи вели дека со самото тоа што Самоопределување стана дел од албанската опозиција во Македонија, каде што ќе учествува на претстојните избори, се обидува да допре до своите гласачи, кои ги разочара поради дадените, но неисполнети ветувања. Според неговите зборови, косовскиот премиер Албин Курти е свесен дека го очекуваат избори во Косово, поради што ја обновува старата идеја на Самоопределување за обединување на сите Албанци.
– Без оглед што не успеа да освои мандат во албанскиот парламент, сега реши да си ги проба силите во Македонија. Курти ги зема сите опции или ги обновува оние старите. Знае дека следната година ќе оди на избори, па им се додворува на сите гласачи, па и на своите што ги разочара кога се откажа од обединувањето со Албанија – смета Малиќи. С.Т.