Светскиот првак Франција постигна најмногу голови по трите квалификациски кола за пласман на ЕП 2024 / Фото: ЕПА

По дуелот со Шпанија во третото коло, Македонија со четири бода е втора во групата пет. На ЕП 2024 ќе се пласираат најдобрите две репрезентации од секоја од осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните. Максимални шест бода по три кола имаат Романија, Холандија, Франција, Шпанија, Црна Гора, Шведска и Данска. Македонија утре гостува во Шпанија за меч од четвртото коло

ПО ТРИ КОЛА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024 ЗА РАКОМЕТАРКИ

Женската ракометна репрезентација на Македонија е поразена во првиот од двата меѓусебни дуела со Шпанија, со 19-31, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во третото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во Австрија, Унгарија и во Швајцарија. Вториот меѓусебен дуел на двете селекции е утре во шпанскиот град Ланзароте (од 18 часот).
Македонија со четири бода е втора во групата пет, во која се и селекциите на Азербејџан и на Литванија. На ЕП 2024 ќе се пласираат најдобрите две репрезентации од секоја од осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните. Максимални шест бода по три кола засега имаат Романија, Холандија, Франција, Шпанија, Црна Гора, Шведска и Данска.
Шпанките се покажаа како пресилен противник, уште од самиот почеток (по воведните 2-2) го презедоа водството, на полувремето имаа предност од 17-11, со цврст бедем пред својот гол, а особено опасни во контранападите, преку кои и ја стекнаа предноста.
– Тоа беше натпревар што, да бидам искрен, многу сакавме да го играме. Тоа беше нашиот прв меч по СП и чувствата што ги имавме таму. Важна победа, затоа што ги исполнивме целите што си ги поставивме и практично се пласиравме на ЕП. Реваншот го играме дома, но мора да работиме, не само за пласманот, туку и за аспектите што треба да ги подобриме во играта – изјави за шпанските медиуми, шпанскиот селектор Амброс Мартин.
Најефикасна во македонската репрезентација беше десното крило Сара Ристовска со шест погодоци, десниот бек Јована Кипријановска постигна четири, а левиот бек Симона Маџовска три. Кај гостинките доминираше левиот бек Кабрал Барбоса, која седум пати ја затресе противничката мрежа од исто толку обида. Г.И.