ДВАЕСЕТИНА ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ЕП 2022 ЗА РАКОМЕТАРКИ
Ова првенство се одржува во важен момент за нашата држава, кога женскиот ракомет полека, но сигурно, се обидува да се врати на старите патеки, што претставува и мотив за сите нас. Со верба и со помош од трибините, ниту една цел не е недостижна. Сметам дека сме способни да бидеме пријатно изненадување на ова ЕП, а публиката по подолго време ќе ужива во најдоброто од европскиот женски ракомет. Предизвик ќе биде да бидеме добри домаќини и да ја претставиме Македонија во најдобро светло, рече Гордана Нацева, амбасадорка на ЕХФ на ЕП 2022, на кое од 4 ноември домаќини се Македонија, Црна Гора и Словенија
Би сакал да продолжиме да работиме заедно како и досега, да градиме подобар македонски ракомет. Нѐ очекува организација на Европско првенство, на кое посакувам сите натпревари да ги одиграме со срце за Македонија. Ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број и да им дадеме поддршка на нашите девојки. Се надевам дека ќе докажеме дека сме сплотени, дека сме добри домаќини и да покажеме што значи спортот број еден во Македонија, изјави, меѓу другото, претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) Живко Мукаетов на вчерашната прес-конференција во Скопје, по повод претстојното ЕП, кое освен во Македонија ќе се игра во Црна Гора и во Словенија, од 4 до 20 ноември.
Женската репрезентација на Македонија по пауза од 10 години повторно е дел од едно континентално натпреварување.
– Сакам да упатам честитки до РФМ и до претседателот Живко Мукаетов, оти не е лесно да се добие организација на ЕП. Притоа сакам сите да придонесеме и да покажеме дека сме добри домаќини, дека сме ракометна земја, како и досега. Женскиот ракомет е во нагорна линија, но треба да бидеме трпеливи, а од нив, пак, очекувам да бидат константни на големите натпреварувања. Се работи добро и амбициозно, а Македонија заслужува да има квалитетен женски ракомет. Ни претстои голем настан, доаѓаат големи ракометни имиња – изјави селекторот на македонската машка репрезентација, Кирил Лазаров.
Македонските ракометарки на ЕП 2022 се во силна група заедно со репрезентациите на Франција (актуелен олимписки шампион), Романија и на Холандија.
– Ова првенство се одржува во важен момент за нашата држава, кога женскиот ракомет полека, но сигурно, се обидува да се врати на старите патеки, што претставува и мотив за сите нас. Репрезентативките работат напорно и сакаат да одиграат најдобро што умеат. Со верба и со помош од трибините, ниту една цел не е недостижна. Сметам дека сме способни да бидеме пријатно изненадување на ова ЕП, а публиката по подолго време ќе ужива во најдоброто од европскиот женски ракомет.
Предизвик ќе биде да бидеме добри домаќини и да ја претставиме Македонија во најдобро светло – рече Гордана Нацева, поранешна истакната репрезентативка, а сега во улога на амбасадорка на Европската ракометна федерација (ЕХФ) на ова ЕП. Г.И.