Фото: Игор Бансколиев

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, пред почетокот на СП 2023, ќе настапат на турнирот „Кроација куп“, како последна проверка пред Мундијалот, на кој се во групата Ф заедно со репрезентациите на Аргентина, Норвешка и на Холандија. Најдобрите три репрезентации од секоја од осумте групи ќе обезбедат пласман во следната групна фаза

РАКОМЕТ – ПРЕД НАСТАПОТ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО В ГОДИНА ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Избраниците на селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, пред настапот на Светското првенство (СП) во Полска и во Шведска идната година (11-29 јануари), треба да одиграат две контролни средби. Црвено-жолтите ќе учествуваат на турнирот „Кроација куп“, каде што ќе ги одмерат силите со репрезентацијата на Хрватска и со селекцијата на Израел.
Македонија на Светското првенство е во групата Ф, заедно со репрезентациите на Аргентина, Норвешка и на Холандија. Првиот натпревар Македонија ќе го игра со Норвешка на 13 јануари, два дена подоцна е средбата со Холандија, а на 17 јануари мечот со Аргентина, сите во полскиот град Краков.
Најдобрите три репрезентации од секоја од осумте групи ќе обезбедат пласман во следната групна фаза. Групата Ф ќе вкрсти со репрезентациите во групата Е, во која се Германија, Катар, Србија и Алжир. По одигрувањето на втората групна фаза во четврт-финалето ќе се пласираат по две селекции од новите четири групи.
Светското првенство во Полска ќе се игра во градовите Гдањск, Краков, Катовице и во Плок, а во Шведска, во Стокхолм, Гетеборг, Малме, Јонкопинг и во Кристијанстад.
Новиот селектор на Холандија, Штафан Олсон, го објави поширокиот список на играчи, на кој смета за настап на Мундијалот. На списокот има 35 играчи, но наскоро се очекува тој список да биде скратен. Во составот од познатите ракометари фигурираат бундеслигашите Дани Бајенс (Хамбург), Том Јенсен (Гумерзбах), Каи Смитс (Магдебург), како и Лук Стеинс (ПСЖ).
Норвешка е прв фаворит во групата, со 16 настапи на светските првенства, а има две сребра (во 2017 и во 2019 година), Аргентина има 13 настапи, а Холандија еден. Македонија има седум учества на мундијалите, а најдобриот пласман го оствари во Катар, 2015 година, кога го освои деветтото место. Г.И.


МАКЕДОНИЈА НА СП 2023

ГРУПА Ф, КРАКОВ
Македонија – Норвешка 13 јануари
Македонија – Холандија 15 јануари
Македонија – Аргентина 17 јануари