„Црн петок“ почнува в четврток?!

Граѓаните со нетрпение го очекуваат 1 декември (кој се паѓа во четврток), кога се очекува и најавеното драстично намалување на цените на прехранбените производи. Македонските потрошувачи одамна се навикнаа на трговските трикови, акции, намалувања, попусти и распродажби насловени „црн петок“, кои може, но и не мора да значат и намалување на цените. Дали и овој пат ќе се соочиме со нов маркетиншки трик или цените на храната навистина ќе паднат, останува да видиме

Неколкумесечната економско-политичка и граѓанска дебата што се водеше во Македонија околу намалувањето на цените на основните прехранбени производи доаѓа до својата претфинална фаза. За неколку дена ќе пристигне долгонајавуваниот 1 декември – денот од кога треба да почне владината акцијата за големото „сезонско“ намалување на цените од најмалку десет отсто! По претходното ценовно цунами на кое беа изложени македонските потрошувачи изминатиот период, очекувањата дека ќе дојде до благо разведрување и дека цените ќе почнат да паѓаат, според „директивата“ на Владата, изгледаат како надежна, но истовремено и како невозможна мисија. Сомнежот дали „ќе има или не“ намалување на цените сѐ уште е присутен кај мнозинството граѓани, кои секојдневно се соочуваат со зголемените животни трошоци. Наспроти нив, претставниците на власта својот оптимизам за намалување на цените го темелат врз основа на бројот на пријавените 235 производствени капацитети на основни прехранбени производи што добија субвенционирана и многу пониска цена за снабдување со електрична енергија преку „ЕСМ продажба“. Овие фирми ќе бидат снабдувани со струја по цена од 85 евра за мегават-час, што треба да влијае на намалување на цените на основните прехранбени производи. Пазарните цени на струјата се многукратно повисоки и достигаат околу 300 евра за мегават-час.
Од почетокот на руско-украинската војна енергетската криза ја достигна својата кулминација, а тоа најмногу го почувствува Македонија, која не располага со сопствени капацитети за производство на електрична енергија и суровини од земјоделско производство. Но кризата се покажа и како „ценовно елдорадо“ за домашните производители и трговци. Во услови на нарушени пазарни односи и отсуство на вистинска пазарна конкуренција, големите трговски маркети ја искористија својата позиција. Цените на лебот, млекото и маслото за јадење ги надминаа „психолошките“ граници, вредноста на огревното дрво и пелетите ги уриваа рекордите… Резултатот од тоа беше што Македонија имаше рекордната октомвриска инфлација од 20 отсто, која беше највисока во земјите во регионот.

Наместо да се дејствува координирано во преземањето сеопфатна операција за спречување на порастот на цените, се чини дека целокупната енергија се трошеше во широки елаборации, во кои секој од своја гледна точка изнесуваше аргументи за и против намалувањето на цените. На овој начин се изгуби драгоцено време за поефикасна заштита на животниот стандард граѓаните преку поевтина храна. Неодминлив е впечатокот дека надлежните можеа многу порано и поефикасно да дејствуваат на смирување на инфлацијата, преку носење соодветни мерки. На пример, за мерката за субвенционирана цена на струјата за прехранбените претпријатија се потрошија речиси два месеца, а притоа нема извесност и гаранција дека со неа ќе се намалат значително цените на подолг период. Особено што веќе во јануари се најавува и нова корекција на цената на електричната енергија.
Од друга страна, во целиот период на кризата што почна со ковидот, некои од домашните компании не покажаа ни трошка општествена одговорност, свест и совест, пред сѐ, во заштитата на интересите на крајните потрошувачи, од кои и самите зависат. Приматот во трката за вкалкулирање на „енормно“ високи трошоци и профити во продажните цени на своите услуги и производи падна исклучиво врз грбот на граѓаните. Згора на тоа, некои во ова неконтролирано стампедо на цените видоа и можност за богатење преку таканаречено воено профитерство. Главен аргумент за тоа им беа високите цени на суровините на светските пазари, а сега домашните компании високите цени на храната ги правдаат со високите трошоци за струја, горива, амбалажа и за што уште не. Ваквата профитерска и „неделовна“ практика продолжува и во периодот кога на светките пазари има смирување на цената на житата, кога вредноста на нафтата во последната недела бележи надолен тренд и кога треба да пристигне новата субвенционирана цена за струјата. Но изгледа никој не сака да се откаже од загарантираниот висок профит и нема намера да ги намали цените. Или, со други зборови, сега сака двојно да профитира. Ем да добива евтина струја од Владата ем пак да печали врз грбот на граѓаните. Зашто што значи намалување од денар или два, кога од друга страна добивате струја што е неколкукратно поевтина од пазарната. Тоа е само глумење и мачкање очи пред јавноста, додека од зад грб некој повторно си ги полни џебовите, а граѓаните осиромашуваат и едвај преживуваат. За вистински да се почувствува и да има смисла намалувањето на цените тогаш тоа треба да биде од 15 до 20 проценти. И, секако, тоа да се контролира, но и да се санкционира, доколку се констатираат обиди за злоупотреба и незаконско богатење врз грбот на граѓаните и државата.

Во меѓувреме и од производителите и од трговците доаѓаат нови „аргументи“ за задржување на високите цени. Дали некој сака двојно да профитира? Ем да добива субвенционирана евтина струја од Владата ем пак да печали врз грбот на граѓаните? Граѓаните очекуваат вистинско намалување и реален пад на цените од 15 до 20 проценти веќе од четврток. Сѐ друго ќе значи само претурање од шупливо во празно, со цел изигрување на граѓаните

Во меѓувреме од групациите на производители на храна доаѓаат нови „аргументи“ за задржување на високите цени. Сега, наводно, проблем била сложената процедура за склучување на договорите со ЕСМ! Од асоцијацијата на бизнисмените порачаа дека „ако фирмите не добијат субвенционирана струја од први декември, со сегашните берзански цени на струјата од околу 300 евра, министерот Бектеши не треба да очекува поевтинување на основните производи“.
Македонските граѓани од поодамна се најголемите жртви на отворената економија (според објаснување од Народната банка на Македонија за постоењето на увозната инфлација), за што плаќаат и повисоки цени за храната во однос на другите граѓани од земјите со поразвиени економии. Ќе јадеме ли поевтина храна од први декември е прашање што сега зависи од волјата на производителите и на трговците. За разлика од брзината со која ги зголемуваа домашните цени, по секоја лоша вест за уништени посеви во некои далечни земји, сега одлуката за намалување на цените за некој денар македонските млекопреработувачи и пекари ја претворија во виша математика! Нивните изјави се дека дополнително ќе се правеле анализи „колку евтината струја ќе учествувала во трошоците на производството“. Затоа, според нивните објаснувања, десет отсто помали цени можеле и да се намалат, па на крајот да се сведат на пет или три отсто пониски цени на млечните производи и на лебот, а евентуалното намалување би се случило од втората половина на декември!
Поради тоа постои опасност граѓаните минимално да ја почувствуваат и оваа мерка, како што беше и случајот со ограничувањата на трговската маржа за одредени производи. Македонските потрошувачи одамна се навикнаа на трговските трикови за разни акции, намалувања, попусти и распродажби. Реакциите на граѓаните од годинашниот „црн петок“ во Македонија не се поволни. Контролорите на инспекциските органи покажале дека во над 30 акциски надзори, најголем дел од пропустите се кај трговците, кои не го почитуваат новиот закон за потрошувачи. Трговците продолжуваат со досегашната практика врз старата цена да ја лепат новата, па многу често се случува цената да е иста, па и повисока. Како и да е, за неколку дена нѐ очекува „декемврискиот“ попуст за храната. Останува да видиме колку ќе биде тој реален или ќе се соочиме со нов маркетиншки трик.