Фото: Игор Бансколиев

Сите партии имаат свои општински разграноци, младински организации, разни форуми на жени, извршни комитети, членство, така што едноставно е невозможно во една толкава „машинерија“ од целата држава да се исфилтрира само еден кандидат. Од друга страна, ако понудата навистина се сведува само на еден кандидат, тогаш очигледно партиите во земјава немаат капацитет да понудат вистински квалитет што ќе значи натпревар на идеи и концепти, туку функционираат само за задоволување на партиските, а не на широките граѓански интереси

Номинирањето само еден кандидат за партиски лидер е слика за демократскиот капацитет на партиите

Во Македонија со години на политичката сцена е присутен еден феномен на „еднокандидатски систем на избор на партиски лидери“, без да постои вистинска конкуренција на спротивставени идеи и концепти внатре во партијата што ќе влијаат врз внатрепартиската демократија и напредок, што на некој начин последователно би се рефлектирало и врз демократијата и напредокот на самата држава.
За жал, конкуренцијата за избор на партиски лидер, народски кажано, е „мисловна именка“ во Македонија, а најдобра потврда за тоа се последните конгреси на ЛДП и на ДОМ, кога за лидерската позиција претендираше само по еден кандидат. И не само кај помалите партии, отсуство на конкуренција, а со тоа и битно намалена понуда на конкурентни идеи, концепти и програми постои и кај поголемите партии, кои или излегуваат само со еден предложен кандидат или, пак, кандидираат луѓе што треба само да глумат конкуренција и на тој начин да демонстрираат наводна внатрепартиска демократија.
Сите партии имаат свои општински разграноци, младински организации, разни форуми на жени, извршни комитети, членство, така што едноставно е невозможно во една толкава машинерија да се исфилтрира само еден кандидат. Од друга страна, ако понудата навистина се сведува само на еден кандидат, тогаш очигледно партиите во земјава немаат капацитет да понудат вистински квалитет што ќе значи натпревар на идеи и концепти, туку функционираат само за задоволување на партиските, а не на граѓанските интереси. Можеби во втората констатација треба да се бараат причините за враќање на политичката сцена на пензионирани политичари што со години се надвор од политичките текови, наместо партиите да генерираат нови млади кадри со свежи идеи, образовани, кои ќе ја влечат напред и партијата, но и државата.
Токму конкурентноста е движечка сила во светот во која било област, вклучувајќи и во политиката, па затоа изборите на партиски лидери поминуваат низ еден поширок филтер низ кој се селектираат сите оние што имаат квалитет и способности да придонесат за својата партија.
Во САД се организираат цели конвенции кога се избираат лидери сè додека не се дојде најмалку до двајца кандидати, од кои потоа се избира најдобриот. Така е и во повеќето европски земји. Партиите номинираат повеќе кандидати за партиски лидер, кои предлагаат програма за развој на партијата, но и визија за тоа како ја гледаат државата доколку ја добијат довербата да управуваат со неа, а делегатите ја избираат најдобрата понуда. Впрочем тоа е целата поента на конкурентноста во секоја област, секогаш да се избере најдоброто.

На македонската политичка сцена едноставно нема конкурентност и лидерската позиција се добива само со амин на претходниот лидер, кој кажува кој ќе биде негов наследник и отворено го фаворизира, ставајќи јасно до знаење дека кој било да се осмели евентуално да се кандидира и да му противречи, нема никаква шанса.
Ваквата партиска филозофија, карактеристична за едноумието, целосно ја урниса внатрепартиската демократија што се рефлектира и врз самата држава, во која наместо конкурентноста и квалитетот да бидат единствените критериуми за напредок, всушност подобноста стана главниот услов за некоја позиција.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека изборите за партиски лидер без противкандидати се само потврда на констатацијата дека во партиите нема демократија.
– Тоа е уште една потврда дека станува збор за султан-партии. Ние немаме внатрепартиска демократија, ќе се договорат два-тројца, ќе пресечат кој ќе биде кандидат за претседател на партијата и подоцна тој единствен кандидат ќе се избере. Тоа се одразува и на државно ниво. Како што нема демократија во партиите, така нема демократија и во државата – вели Давитковски.
Професорот смета дека партиите во земјава функционираат исклучиво како центри за вработување, без да се води сметка за квалитетот на луѓето, што од друга страна ја уназадува државата.

– Кај нас кога некоја партија сака да партиципира во власта, излегува со барања за неколку министерства, неколку заменички места, десетици директори и слично. Тоа и сега се случува. Дали исполнуваат тие кандидати услови или не, тоа е најмалку важно, сè се сведува на тоа султанот што ќе каже. Затоа државата не напредува, ние стоиме во место, не мрдаме никаде – истакнува Давитковски.
Правејќи споредба на изборите за партиски лидер во светот и кај нас, професорот прави јасна дистинкција каде во Македонија се промашува работата.
– Најсвеж пример за тоа како се избира партиски лидер е она што сега се случуваше во Велика Британија. Непосредни избори, па електронски гласања, па еден отпадна, па друг, сè додека не се дојде до најдобриот кандидат. Тој кандидат стана премиер, но внатрепартискиот избор беше крајно демократски и конкурентен. Тоа е внатрепартиска демократија што директно се одразува и во парламентот и во државата. Кај нас се собрале султан-партии и глумат демократија, но тоа не е од вчера, туку е 30 години наназад и е дел од нашиот македонски фолклор – објаснува Давитковски.
Според него, тоа што не постои внатрепартиска демократија влијае и врз демократијата во државата, што сериозно може да се одрази врз евроинтеграциите на земјата.

– Тоа директно ќе ни се одрази врз евроинтеграциите. Ако следниот ноември почнеме преговори со ЕУ, едноставно ќе ни се смеат. Немаме материјал за да зборуваме со нив за демократија, а целата вина за тоа лежи во политичките партии – категоричен е Давитковски.
Професорот не гледа излез од целата ситуација доколку политичките партии во земјава во скоро време не се демократизираат и не почнат повеќе да ја ценат конкурентноста, како при избор на партиски лидер така и за другите внатрепартиски состојби.