Фаворитската улога му ја препуштам на Силкеборг. Името на противникот и државата од која доаѓа клубот ни кажува за неговиот квалитет, вели тренерот Лазаров

РАКОМЕТ – ПРЕД ДУЕЛОТ ВЕЧЕРВА АЛКАЛОИД – СИЛКЕБОРГ ВО ЕВРОПСКАТА ЛИГА

Името на противникот и државата од која доаѓа клубот ни кажува за неговиот квалитет. Силкеборг е екипа што со години обезбедува пласман во Европа преку нивната лига, која од година на година е сѐ посилна. Купувањето на нивниот најдобар играч покрај Микаел Хансен, Расмус Лауге, кој беше и капитен на Веспрем, доволно зборува дека ќе имаме сериозен противник, вели Кирил Лазаров, тренерот на ракометарите на Алкалоид, кои вечерва треба да го одиграат натпреварот со дански Силкеборг (од 18.45 часот, во СЦ „Јане Сандански“) во третото коло на Европската лига.
По поразот во првото коло од Војводина (Србија) дома и нерешениот резултат во второто со шпанска Ла Риоха на гости, избраниците на Лазаров се пред нов голем предизвик.
– Мора да одиграме на високо ниво за да бидеме конкурентни со нашата млада и недоволно искусна екипа. Но, како што поминува времето, за нас како екипа што првпат игра во Европа, почетната трема ја надминуваме. Против Ла Риоха игравме поквалитетен ракомет, во споредба со Војводина. Се надевам дека квалитетно и ќе одговориме. Очекувам тврд натпревар, а фаворитската улога му ја препуштам на Силкеборг, но доколку ни се укаже можност, секако, ќе се обидеме да ја искористиме – изјави на вчерашната средба со новинарите, тренерот Лазаров. Г.И.


ГРУПА Ф

Алкалоид – Силкеборг 18.45 ч.
Војводина – Ла Риоха 18.45 ч.

Табела
Војводина 2 2 0 0 4
Силкеборг 2 1 0 1 2
Алкалоид 2 0 1 1 1
Ла Риоха 2 0 1 1 1