Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров денес објави дека ја завршува професионалната кариера како играч. Тој преку социјалните мрежи ја образложи својата одлука.
Во продолжение во целост го пренесуваме обраќањето на Лазаров:
– Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Одлуката беше тешка да се донесе, но сепак очекувана. Тешка затоа што го работев тоа што го сакам, од срце, со многу страст и ентузијазам. На моја возраст не е нималку лесно да играш на високо ниво во клуб со големи амбиции и очекувања, и во лига чија национална репрезентација веќе две децении доминира во светот на ракометот. Не сакав оваа одлука да ја соопштам многу порано, иако знаев дека е крај, дека е последна сезона. Сакав да бидам професионален и мотивиран, каков што бев во текот на целата моја кариера. Кога нешто работиш со голема љубов, можеш да поместиш граници. Заминувам со гордо крената глава, играјќи за клубови-институции како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Клубови, градови и земји каде останував минимум пет години, што ја покажува обострано стекнатата доверба со луѓето со кои соработував. Довербата се стекнува со многу труд, посветеност, константност… Тоа посебно ме прави горд што не затворив врата во тие спортски институции. Почнувајќи од мојот матичен клуб, Овче Поле, преку Борец и Пелистер, полека, со правилни одлуки и цврсто на земја, без никакви илузии, зачекорив со Европа – стои во објавата на Лазаров.
-Многу титули, многу успеси и разочарувања, подеми и падови, победи и порази, ситуации каде некогаш не се гледал излез, но со многу верба, посветеност и чесност успевав да застанам на нозе и да продолжам понатаму. Посебно ми е драго што, покрај обврските кон овие ракометни институции, наоѓав, време, желба и страст да бидам во служба на нашата национална репрезентација. 25 години и тринаесет големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите, секогаш со голема верба дека Давид може против Голијат, играјќи дури и во петтата деценија од животот за својата земја, ми дава за право секого да погледнам во очи, дури и некогаш да не сум исполнил нечие очекување – додава Лазаров.
Тој јавно се заблагодари на неговото семејство за поддршката во текот на целиот период.
– Благодарност за моите блиски луѓе, кои не се многубројни, но не се ни малобројни. Самите ќе се препознаат во овие зборови. Благодарност до сите фанови кои ги имав во голем број во текот на целата моја кариера, кои знаеја да препознаат тешки ситуации и дадат поддршка кога е најпотребно заедно да се радуваме, па дури и во болните порази, од кои заеднички излегувавме посилни. Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко довидување од ракометот. Мојот веќе новозапочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, тагуваме и надградуваме, поместувајќи нови граници. Моето мото кое пак ќе ме води ќе биде – СЕКОГАШ НА ПОБЕДА! – стои во обраќањето на Кирил Лазаров.
Утре против Тулуз македонскиот ас ќе се прости од домашната публика, а за викендот во Париз против ПСЖ ќе се бори за последниот трофеј во кариерата, Купот на Франција. Тој на денешната прес-конференција го потврди крајот на играчката кариера. На прошталната прес-конференција беа присутни неговото семејство, братот Филип, управата на Нант и соиграчите.
– Една од најдобрите одлуки во мојата кариера е доаѓањето во Нант. Во текот на овие пет години, пораснавме, победувавме големи тимови, игравме ФА турнири, станавме клуб кој е почитуван од сите во Европа. Мојата приказна како играч е при крај. Кога работите со љубов, можете да ги поместите границите. Беше огромно задоволство. Ќе ми недостига и клубот, градот и секако јавноста. Сметајте на мене, секогаш ќе бидам од Нант. Не е крај, само збогум. Последна работа момци, в сабота имаме уште еден трофеј за кревање – рече Лазаров.
Македонскиот ракометар во текот на својата богата кариера освои 56 трофеи од кои 18 шампионски во четири различни држави, како и Лигата на шампионте со Барселона, во сезоната 2014/15.
За македонската репрезентација Лазаров, одигра 236 натпревари на постигна 1.728 гола во периодот од 1998 до 2022 година. На клупски план постигнал повеќе од 1.400 гола. Кариерата на Лазаров од Борец, преку Пелистер Загреб, Веспрем, Ал Сад, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и Нант, траеше цели 27 години.
Рекордер е на СП и ЕП според бројот на постигнати голови. На СП во 2009 година постигна 92 гола, на ЕП во 2012 година 61 гол.