Момент од мечот Македонија - Германија на ЕП 2018 / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во репрезентацијата предводена од селекторот Алфред Гисласон (две европски клупски титули со Кил, една со Магдебург) настапуваат играчи од 11 клуба (10 од Германија, еден од Полска). Играчи што отскокнуваат се Волф, Кнор, Мертенс, Хафнер… Од ЕП 2022 во составот се 10 ракометари. Германија освои две злата и по едно сребро и бронза на ЕП, три злата и по едно сребро и бронза од СП, како и по едно злато и бронза и две сребра на ЛОИ

РАКОМЕТ

Македонската репрезентација утре ќе биде пред нов предизвик во групата А на 16. Европско првенство (ЕП) во Германија за ракометари. По поразот во Диселдорф во воведниот натпревар од трикратниот европски и актуелен олимписки првак, Франција (29-39), избраниците на македонскиот селектор Kирил Лазаров за ривал, но сега во Берлин, од 20.30 часот, ќе го имаат домаќинот на континенталното првенство, Германија, која славеше во првото коло на натпреварот со Швајцарија со 27-14, прикажувајќи сигурна игра во нападот и непробојна одбрана.
Германија, која со дополнителен елан од своите многубројни навивачи ќе атакува на еден од медалите, е ракометна велесила, на која ова ѝ е 15-то ЕП (досега 98 меча, 50 победи, 14 ремија, 34 порази, отсуствуваше само на ЕП 2014 во Данска). Германија освои две злата и по едно сребро и бронза, и е на шестото место според бројот на освоени медали на европските првенства. Таа репрезентација освои злато на ЕП во Словенија во 2004 година (во финалето ја победи Словенија со 30-25) и во Полска во 2016 година (во средбата за титулата ја совлада Шпанија со 24-17), втора била во Шведска во 2002 година, а трета во Италија во 1998 година. Германија од светските првенства (СП) има и три злата и по едно сребро и бронза, како и по едно злато и бронза и две сребра на Летните олимписки игри (ЛОИ).
Во репрезентацијата предводена од познатиот исландски селектор Алфред Гисласон (две европски клупски титули со Кил, една со Магдебург) настапуваат играчи од 11 клуба, од кои 10 се германски: Левен, Хановер (по тројца), Магдебург (двајца), Кил, Меслунген, Фленсбург, Гепинген, Гумерсбах, Штутгарт, Ерланген и полски Киелце (по еден). Брзите контранапади и транзицијата, како и бескомпромисната одбрана се главните адути на Гисласон, заедно со играчите што отскокнуваат, голманот Андреас Волф, средниот бек Јури Кнор, левото крило Лукас Мертенс, десниот бек Каи Хафнер… Од минатото ЕП, играно во 2022 година во Унгарија и во Словачка, во составот за годинашниот шампионат се 10 ракометари, и тоа Јулијан Костер, Себастијан Хејман, Филип Вебер, Каи Хафнер, Лукас Мертенс, Тимо Кастенинг, Јоханес Гола, Руне Дамке, Кристоп Штејнерт и Андреас Фолф.
На Македонија, која има подмладена репрезентација, ова ѝ е осмо учество на европските првенства, а досега играла двапати со Германија со резултат од по еден пораз и реми. Македонија загуби на ЕП 2012 во Србија, со 23-24 (12-12), а на ЕП 2018 во Хрватска одигра нерешено, 25-25 (11-12). Од ЕП 2022 во составот се седуммина играчи: Филип Кузмановски, Филип Талески, Мартин Велковски, Жарко Пешевски, Ненад Костески и голманите Мартин Томовски и Никола Митревски. Третиот натпревар во групата А, Македонија ќе го игра во вторник со Швајцарија (18 ч.), во Берлин. Г.И.


Десет отсто од населението на Фарските Острови е на трибините?

Репрезентацијата на Фарските Острови, која е дебитант на европските првенства во ракомет, во првото коло, иако загуби од поискусната Словенија, со 29-32, даде достоен отпор. Она што остана впечатливо е и сликата од трибините, на кои имаше околу 5.000 бучни навивачи на оваа репрезентација, што е околу 10 отсто од вкупниот број жители на Фарските Острови. Следни нејзини ривали во групата Д се селекциите на Норвешка и на Полска. Г.И.


ЕП 2024, ДВОЈКИ

ДЕНЕСКА
ГРУПА Д
Полска – Словенија 18 ч.
Ф. Острови – Норвешка 20.30 ч.
ГРУПА Е
БиХ – Холандија 18 ч.
Грузија – Шведска 20.30 ч.
ГРУПА Ф
Чешка – Португалија 18 ч.
Грција – Данска 20.30 ч.
УТРЕ
ГРУПА А
Швајцарија – Франција 18 ч.
Македонија – Германија 20.30 ч.
ГРУПА Б
Романија – Шпанија 18 ч.
Хрватска – Австрија 20.30 ч.
ГРУПА Ц
Црна Гора – Исланд 18 ч.
Србија – Унгарија 20.30 ч.