Лав ми тендер

Случувањата во светски рамки покажуваат дека работите се тргнати во несакана насока, така што секоја земја гледа што подобро да се позиционира и да си го заштити сопствениот суверенитет, а преку суверенитетот ги штити и националните интереси.
Токму во едни вакви турбулентни времиња треба заеднички да се седне, да се разговара и ако треба пет пати да се премисли пред да се направи некоја работа, но секогаш основна водилка на политичарите во чии раце е одлучувањето за иднината на државата треба да бидат исклучиво македонските национални интереси.
За жал, кај нас не се случи тоа. Што од инает, што од суета, што од погрешни процени се донесоа многу одлуки, особено последните пет-шест години, поради што цехот сега доаѓа за наплата. А народот предупредуваше и алармираше и пред потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, но и пред ставањето параф на спогодбата од Нивици.
Тогашните властодршци еуфорично најавуваа европска ренесанса во Македонија, бесплатно здравство, образование, европски плати, резервирано седиште во возот што се забревтал кон Брисел, просто човек да не знае како може оваа наша кутра напатена државичка одеднаш да ја снајдат толку убави работи. Арно ама, шампањското се испи, еуфоријата заврши (иако и натаму имаме ЕУ-еуфорични политичари), по што следуваа грубото трезнење и треснување од земја. Возот што во нечии глави незапирливо иташе кон Брисел брзо „зариба“, европските скретничари наместо кон ЕУ, го пренасочија кон некоја отпатна станица за да му се направи целосен ремонт ако сака да вози по европските пруги.
Во меѓувреме, сите отстапки што Македонија ги направи и кон Бугарија, но и кон Грција само што поскоро да стане дел од Европа, сега почнаа да ни се удираат од глава. Што е најтрагично, власта наместо да си ги заштити националните интереси и државниот суверенитет во тие фамозни договори, буквално даде сè на тацна, само колку да се покаже дека е исклучително кооперативна за она што од нас го бара Европа. А како што вели нашиот народ, кога ќе си го дадеш задникот под кирија, тогаш повеќе не си суверен, односно не си свој на своето, туку играш како што другите ти свират.
Тоа најдобро го чувствуваат илјадниците граѓани што секојдневно мрзнат на зимските студови за да извадат нови лични документи, оти државата не успеа да обезбеди обрасци навреме, па сега ги напиња сите за половина година да ги променат документите. И не само тоа, им наплаќа дебело за сопствениот пропуст, наместо на државен трошок да ги промени сите документи на граѓаните и да им ги достави на домашна адреса.

Откако видоа дека оваа работа не може да се направи ниту за две години, сега претседателот на државата повикува да се пролонгирал рокот, ама ако Грција ни дозволи да направиме законски измени за да може да се овозможи замената да се продолжи до септември – октомври. На тоа се надоврзува и премиерот, па го „советува“ претседателот да ѝ се јавел на грчката колешка и да ја средела работата. Премиерот како да заборава дека МНР го стокми и го потпиша Преспанскиот договор и дека Владата е таа што треба да ги регулира пропустите што ги направи со брзоплето потпишаниот договор со Грција. Значи многу брзо дојдовме во ситуација да ја прашуваме Грција за внатрешни работи. Можеби сега на оние наши „државотворци“ во Нивици ќе им текне зошто од сета таа политичка елита што се собра на брегот на Преспанско Езеро најрасположен беше „шеширџијата“, односно тогашниот грчки шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас. Човекот многу добро знаеше што доби Грција со Преспанската спогодба, дека добива целосна контрола над Македонија, за разлика од нашиве „сонувачи“, кои се смееја само затоа што сите околу нив се смеат, па да не испаднат „некултурни“ и тие удрија на смеа.
И еве сега луѓе се туркаат, мрзнат, се тепаат пред пунктовите за лични документи, додека Грција не ратификува меморандуми, ни менува патокази, ама ни давала поддршка во евроинтеграциите!? Каква е таа поддршка кога не мрдаме никаде? Ако Грција даваше поддршка, што не ја стегна Бугарија да престане со блокадите бидејќи грчката дипломатија е исклучително префригана, ќе најдеше начин како да им ја загорчи блокадата на Бугарите ако и ние настапевме како секоја нормална држава, нема преговори со ЕУ – нема имплементација на договорот од Нивици. Но кога некој гледа дека кај нас и предвреме се имплементира Преспанската спогодба, се стругаат шахти, штитови, се лепат нови „хеленски“ плочки, зошто нешто да прави? Сега Грците си гледаат сеир, а тоа што ќе ги молиме да ни дозволат да направиме законски измени само им го крева егото. Бугарија да не биде покусо, гледа што прави Грција, па и таа го следи грчкиот пример. Утре и од Бугарите ќе треба да бараме согласност дали ќе ни дозволат да ги отпечатиме новите учебници за децата во училиштата, можеби и говорите на претседателот и премиерот за државните празници ќе мора да одат на одобрување во Софија, така што како ќе ни свират, така ќе играме.

Пред некој ден беше најавено дека во подготовка се законски измени со кои во Македонија ќе се санкционираат луѓето што ќе се најдат на црната листа на САД и на Велика Британија. Значи немаме веќе ни институции, односно нема тука кој да открива и да процесира криминал и корупција, па ќе чекаме Вашингтон и Лондон да ни кажат кого ќе судиме и затвораме. Па можеби овие две земји, на пример, поради своите национални интереси ќе се противат на некои политики и агенди што ги застапува некој македонски политичар или некоја политичка опција, па по кратка постапка ќе го стават на црната листа (причини лесно се измислуваат) и нашиве институции трк по него дома, ќе го приведат спектакуларно, ќе му стегнат некое обвинение (повторно како ќе им сугерираат „сојузниците“) и ќе си течат плановите на големите центри онака како што тие си ги замислиле.
Тогаш клучното прашање е во што е суверена држава Македонија? Грците ќе ни го решаваат проблемот со личните документи, Американците и Британците со криминалот и корупцијата, а нашиве функционери што ќе прават, освен што ќе земаат големи плати и високи провизии од тендерите? Ќе си седат во удобните канцеларии, ќе играат фудбал внатре, ќе слават родендени, ќе пушат и ќе си ја потпевнуваат „Лав ми тендер“ од Елвис Присли, односно преаранжирана за македонски услови, „Лав ју тендер“.
Сето ова делегитимизирање на државниот суверенитет е затоа што со години институциите се водени од некадарни партиски луѓе, кои едноставно немаат капацитет да спроведат каква било реформа, ако таа не вклучува партиски вработувања со клаузула да не мора сите да одат на работа, но редовно да земаат плата. И тоа висока. Па не за џабе влегоа бандитите да тепаат во М-НАВ, оти знаат каде треба најдобро да се удомат нивните. Какви тестови, какви бакрачи, дај сто луѓе да пикнеме пред избори, а опасност за воздухопловството нема, авионите и онака ги управуваат автопилоти.
Шегата на страна. Големи работи се случуваат на светско ниво, а ние уште се замараме со уставни измени и лични документи. Новиот француски премиер фокусот го става на вооружување на Франција, шведски функционери ги предупредуваат Швеѓаните да се подготват за војна, САД повеќе се вртат кон себе, па и соседните земји масовно се вооружуваат, само ние чекаме другите да ни кажат што да направиме.

Време е и Македонија да се сврти кон заштита на сопствениот суверенитет, а ќе го направи тоа така што ќе расчисти со непотизмот, неспособноста, партизираноста, балансерите и сите други механизми што резултираат со неспособни институции на кои постојано им е потребна помош однадвор, тренинг-проекти, совети, обуки, многу пари, а ефектите никој не ги гледа.
Клучно е мерит-системот да стане единствен фактор за добивање функција, за да може да добиеме здрави институции, вистинско владеење на правото, квалитетно здравство, образование, ефикасна борба со корупцијата и криминалот и така да не мора да бараме помош и милост од другите земји.
Со здрав внатрешен систем се чува државниот суверенитет и не само што се чува туку постојано се надградува, во насока на она што е најдобро за државата и граѓаните. Треба голема умешност за такво нешто, па затоа крајно време е за шут-карта за заталканите во политиката и на функциите, во име на граѓаните и во име на Македонија.