Најубедлив по првиот ден беше Целје, кој славеше над Бутел со 30-20

РАКОМЕТЕН ТУРНИР „СТРУГА 2022“

Ракометарите на Еурофарм Пелистер, Вардар и на Целје почнаа со победа во првото коло на јубилејното 50-издание на меѓународниот ракометен турнир во Струга, сега познат под името „Вангел Баљукоски-Баљук“, на кој настапуваат вкупно осум екипи, од кои пет од Македонија. Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер во групата А славеше со 27-23 над домаќинот Струга, откако отпорот на стружани беше скршен во последните 10 минути. Мечот се одигра во салата „Нико Нестор“, наместо на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ покрај познатата Женска плажа, поради лошите временски услови.
Екипата на Вардар, благодарејќи на Мартин Томовски, кој имаше 15 одбрани, а постигна и два гола, потешко од очекуваното во неизвесен финиш славеше со 24-22 над новиот суперлигаш Алкалоид, предводен од македонскиот селектор Кирил Лазаров. Кај вардарци, Филип Талевски беше најпрецизен со седум гола, а кај Алкалоид, Марко Митев и Марко Стојковиќ дадоа по четири.
Искусниот словенечкиот клуб и поранешен европски првак Целје беше најубедлив по првиот ден, очекувано совладувајќи го Бутел со 10 гола разлика, 30-20, колку што изнесуваше и на полувремето (18-8).
На годинашново јубилејно 50. издание екипите се поделени во две групи. Во групата А се грчки АЕК, Еурофарм Пелистер, Струга и словачки Татран Прешов, а во групата Б играат Алкалоид, Бутел, Вардар 1961 и Целје. Г.И.


Резултати 1. коло

Струга – Е. Пелистер 27-23
Вардар – Алкалоид 24-22
Бутел – Целје 30-20

Двојки 2. коло (вчера)
Алкалоид – Целје
АЕК – Татран Прешов
Вардар – Бутел