Најновото истражување на УЕФА предвидува потенцијално шесткратно зголемување на комерцијалната вредност на женскиот фудбал во текот на следната деценија, до 686 милиони евра

УЕФА

Според процените на Европската фудбалска унија (УЕФА), женскиот фудбал на Стариот Континент би можел да достигне комерцијална вредност од 578 милиони фунти (686 милиони евра) на годишно ниво до 2033 година, што е шесткратно зголемување на бројката. Според проекциите, во наредните 10 години базата на навивачи би можела да се зголеми од 144 на 328 милиони, пишува „Би-би-си“.
Надин Кеслер, која е одговорна за женскиот фудбал во УЕФА, вели дека „неверојатно возбудливо“ ниво на раст го очекува женскиот фудбал.
– Потенцијалот на женскиот фудбал е неограничен. Веруваме дека сме на добар пат да го однесеме до височини што беа незамисливи пред само неколку години – изјави Кеслер, дискутирајќи за наодите од студијата „Бизнисот во женскиот фудбал“ во текот на Европското првенство (ЕП) летово, кое предизвика огромно интересирање.
Финалниот турнир, на кој триумфира домаќинот Англија, ќе го собореше просечниот рекорд на посетеност на турнирот дури и ако ниту еден навивач не присуствуваше на натпреварите од четврт-финалето, па натаму! На крајот, просечно по натпревар имаше 18.544 гледачи или вкупно 574.875 луѓе ги гледаа мечевите на финалниот турнир. Бројката од 87.192 навивачи на финалето Англија – Германија беше рекордна за натпревар во Европа.
УЕФА соопшти дека се консултирала со 42 лиги, 162 клуба, Европската клупска асоцијација (ЕКА), комерцијалните партнери, како и со водечките директори за растот на женскиот фудбал. Во извештајот се разгледувал напредокот на домашните лиги и новиот формат на женската Лига на шампионите (ЛШ), кој има централизиран маркетинг и ТВ-покривање.
– Извештајот покажува дека сега е време да се искористи моментот што сите заедно го создадовме. Сега е време за вклучување, сега е време за инвестирање – истакнува Кеслер. Л.Д.