Фото: Маја Јаневска-Илиева

Победата на мечот со Алжир со 40-25, во првиот меч од Президент-купот, е и најголема за црвено-жолтите на мундијалите, според бројот на постигнати голови и според остварената гол-разлика. Денеска следува мечот со Тунис, со кој Македонија трипати играла на СП и еднаш во квалификациите за пласман на ЛОИ 2016, а вкупниот биланс е две победи и два пораза

РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Македонската ракометна репрезентација по првата победа, на мечот со Алжир со 40-25, во т.н. Президент-куп (за пласман од 25-то до 32-то место) на 48. Светско првенство (СП) во Полска и во Шведска, денеска силите ќе ги одмери со добро познатиот ривал Тунис (од 18 часот), кој учествувал 15 пати на СП, првпат во 1967 година, а најдобриот пласман го забележа во 2005 година, кога на свој терен беше четврти. На СП 2021, Тунис беше 25-ти.
Македонија досега трипати играла со Тунис на СП и еднаш во квалификации за пласман на летни олимписки игри (ЛОИ), за тие во 2016 година, а вкупниот биланс е две победи и два пораза. Пред 14 години на СП Македонија загуби со 24-25, на Мундијалот во 2015 година славеше со 33-25, победи и на СП 2017 со 34-30, а во квалификациите за ЛОИ, на турнирот во Гданск (Полска), Тунис победи со 32-26 и заедно со Полска од таа група се пласира на ЛОИ 2016. Во селекцијата на Тунис со својот квалитет отскокнуваат капитенот, левото крило Осама Боганми, десното крило Исам Рзинг и централниот бек Мохамед Дармал.

Победата на македонската репрезентација на мечот со Алжир со 40-25 е и најголема за црвено-жолтите на мундијалите, според бројот на постигнати голови и според остварената гол-разлика. Левото крило Дејан Манасков и пикерот Жарко Пешевски беа најефикасни со по седум гола, а голманот Никола Митревски беше прогласен за играч на мечот со 10 одбрани. Третиот и последен натпревар во групата 2, Македонија ќе го игра в понеделник (18 ч.) со Мароко, а за конечниот пласман на СП 2023 ја очекува уште еден дуел, со селекција од групата 1. Македонија досега настапила на осум СП, најдобриот пласман ѝ е деветтото место во 2015 година, а најслабиот 23-то место на СП 2021.
Првите два дена од главната рунда, пак, беа мошне возбудливи. Изненадување приреди Хрватска, која ремизира во неизвесен и драматичен меч со светскиот првак Данска (32-32), а Египет направи голем чекор кон четврт-финалето со победата над Белгија во групата 4 (33-28). Норвешка и Германија доминираат во групата три, со победите над Аргентина (39-19), односно над Србија (31-28) и се на еден чекор до четврт-финалето.
Холандскиот десен бек Кеј Смитс го презеде водството на листата на стрелците со 32 гола, еден повеќе од левиот бек на Чиле, Ервин Фојхтман и два повеќе од десниот бек на Данска, Матијас Гидсел. Г.И.


ПРЕЗИДЕНТ-КУП

ГРУПА 1
Чиле – С. Арабија 26-23
Уругвај – Ј. Кореја 30-37
Чиле – Уругвај синоќа
С. Арабија – Ј. Кореја синоќа
ТАБЕЛА
Ј. Кореја 1 1 0 0 2
Чиле 1 1 0 0 2
С. Арабија 1 0 0 1 0
Уругвај 1 0 0 1 0
Идно коло (утре): Јужна Кореја – Чиле, Саудиска Арабија – Уругвај.

ГРУПА 2
Алжир – Македонија 25-40
Мароко – Тунис 25-30
Алжир – Мароко 15.30 ч.
Македонија – Тунис 18 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 1 1 0 0 2
Тунис 1 1 0 0 2
Мароко 1 0 0 1 0
Алжир 1 0 0 1 0

Идно коло (понеделник): Македонија – Мароко, Тунис – Алжир.