Лигата на шампионите е застапена со 120 ракометари, Европската лига со 69, а актуелниот светски шампион Данска во составот има само играчи од клубови од двете клупски натпреварувања (по девет) во својата репрезентација за Светското првенство, пишува ЕХФ

Сите 16 екипи што играат во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) се претставени на Светското првенство (СП) за ракометари во Полска и во Шведска, а вкупно 120 играчи од европскиот врв играат за 18 репрезентации, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Финалистите од минатата сезона во Лигата на шампионите, Барселона и Киелце, водат со по 12 играчи што се натпреваруваат за својата репрезентација, и тоа осум репрезентации во случајот на Барселона, а пет во случајот на Киелце. На листата следуваат Сегед со 11 играчи на Светското првенство, Веспрем и Магдебург се со по 10, а најмалку има Елверум, двајца.
Голманот Гонзало Перез де Варгас е единствениот играч на Барселона што се натпреварува за Шпанија, Кил има само еден играч што игра за Германија, а Нант еден за Франција, пишува ЕХФ.
Составот на олимпискиот шампион Франција вклучува 12 ракометари од најсилното европско клупско натпреварување, пет други селекции имаат по 10 играчи од Лигата на шампионите, и тоа финалистите на Европското првенство лани, Шведска и Шпанија, како и Словенија, Хрватска и Португалија.
Европската лига (ЕЛ), второто клупско натпреварување на ЕХФ, на СП е застапена со 69 играчи од 17 клуба, што значи вкупно 189 играчи од две врвни натпреварувања настапуваат на годинашниот Мундијал. Актуелниот светски шампион Данска во составот има само играчи од Лигата на шампионите и од Европската лига (по девет) во својата репрезентација за Светското првенство.