Македонскиот писател Иван Шопов е годинашниот победник на меѓународниот конкурс за хумористичен расказ „Алеко“ за 2022 година. На конкурсот пристигнаа 104 раскази, на 42 автори, од 21 земја, a жирито во состав Јордан Ефтимов, Михаил Вешим и Румен и Белчев, за најдобар го избра расказот „Географски откритија“ на Шопов.
„Алеко“ е меѓународен конкурс што се одржува во Бугарија од 1966 година до денес, со краток прекин во почетокот на 1990-тите години. Организатори на конкурсот се Општина Свиштов, меѓународната фондација „Алеко Константинов“ и хумористичниот весник „Стршел“. Наградата беше врачена на 13 јануари, роденденот на бугарскиот писател Алеко Константинов, на свечена церемонија во Свиштов, во рамките на одбележувањето на 160-годишнината од раѓањето на Константинов.
Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018), збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од застава 750“ (2019). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.