Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечерва ќе биде отворена изложбата на цртежи на професорот Владимир Величковски, со наслов „Вибрантен сликопис“. За изложбата, Величковски истакнува дека својата прва самостојна изложба на слики ја организирал токму пред 50 години, во тогашните простории на домот на младите „25 Maj“, што се совпаѓа со минатогодишниот јубилеј на институцијата. Изборот на датумот е токму пред празникот, т.е. Светскиот ден на уметноста, кој исто така е не случајно одбран за отворањето на изложбата.
– Величковски црта од мали нозе, како дете, кога почнува и да ги изложува своите творби. Црта и слика во моменти на страсна потреба за изразување на сопствените внатрешни доживувања и надворешни сензации, во кои се испреплетуваат и моменти на сеќавање. Слика „во еден здив“, но под импресија и со емоција, со уверување дека со непосредната обработка на мотивот може да се постигне сугестивна свежина на звучен колорит и специфичен танцов ритам на целата структурна и сликовна претстава – се вели во најавата.
Самиот додава: „Во ателјето на Миро Масин пишува нема разговор за политика и фудбал – убаво. А јас, имам чест, по повод значајниот јубилеј на Младинскиот културен центар – Скопје да ја приредам оваа пригодна изложба. Ќе се потсетиме: порано постоеше поимот ’сиромашна уметност’, како и критика, застапена во сите печатени и електронски медиуми, која зад себе има забележан историски развој во тесна врска со движењата во ликовните и визуелните уметности. Приказната за критиката не е завршена. Можеби станува збор само за една ’култура на сопственото искуство’.“
Владимир Величковски е македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Тој е значаен во 1980-тите години за проблематизирањето на новите појави во македонската ликовна уметност. Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976 -1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Издавачката куќа „Македонска реч“ ја издала книгата „Уметнички критики и есеи“ на Владимир Величковски, која е петтиот том со истоимен наслов на овој автор. Книгата содржи текстови пишувани и објавувани по 1973 година, откога тој интензивно се занимава со ликовна критика. Оттогаш до денес, тој претставува најдоследниот и најтемелен хроничар на ликовниот живот во Македонија, вреднувајќи ги преку ликовната критика и есејот сите позначајни настани, изложби, појави, тенденции и слично. Владимир Величковски досега објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности.