Во првиот четвртфинален натпревар на гости скопјани одиграа нерешено 31-31 со романски Баја Маре. В недела се игра реваншот
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП
Ракометарите на Алкалоид, предводени од тренерот Кирил Лазаров, во првиот натпревар од четврт-финалето на Европскиот куп во романскиот град Баја Маре ремизираа 31-31 (19-15) со истоимениот клуб пред 2.200 гледачи, во динамичен и неизвесен натпревар, со пресврт во вториот дел, во кој домашните израмнија од седум метри по истекот на времето. Алкалоид на овој натпревар настапи ослабен со неиграњето на централниот бек Марко Митев, кој неодамна се повреди и ќе паузира подолго време.
Баја Маре е трикратен шампион на Романија (во 1998, 1999 и во 2015 година), двапати го освоил Купот на ЕХФ (1985 и 1988 година, во 2022 година бил втор), а трипати стигнал до полуфиналето во некогашниот Куп на победниците на куповите (1979, 1981 и 1986 година). Во клубот моментно играат осум интернационалци, од Чешка, Украина, Шведска, Бразил и од Србија.
Александар Петковски и Мартин Серафимов со по седум гола беа најефикасните играчи на натпреварот, а кај домашните Роберт Наѓ, Габриел Кумпаничи, Маркус Дахлин, Артем Козакевич, Иван Бурзак и Ерик Леонард Поп постигнаа по четири погодоци.
В недела се игра реваншот, во Скопје, по што ќе биде познат патникот во полуфиналето на ова европско клупско натпреварување. Подобриот од овој двомеч во полуфиналето ќе игра со победникот од дуелот помеѓу грчки Олимпијакос и норвешки Рунар Сандефјорд.
Пред почетокот на натпреварот со едноминутно молчење ракометарите им оддадоа почит на жртвите од трагедијата што се случи во Кочани. Г.И.
ЕВРОПСКИ КУП, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Баја Маре – Алкалоид 31-31
Олимпијакос – Р. Сандефјорд 37-31
Хаукар – Извиѓач 30-27
АЕК – Партизан 27-22
реваншите се играат викендов