Jосип Векиќ со 210 см е највисок ракометар на списокот на Лино Червар

Лино Червар го селектира највисокиот тим во групата Б, чија просечна висина е 193,9 см, додека Бахреин го има најнискиот во истата група, со просечна висина од 179,1 см

Ракометната репрезентација на Хрватска го пријави највисокиот, додека, пак, Исланд најмладиот состав во групата Б на Светското првенство (СП), кое од 10 до 27 јануари 2019 година ќе се одржи во Германија и Данска. Во оваа група се наоѓа и Македонија.
Селекцијата на Бахреин е единствената што нема интернационалци во составот, а Јапонија, пак, има најмногу дебитанти на поширокиот список. И двете селекции се во групата Б. Селекторот на хрватската репрезентација Лино Червар го селектира највисокиот тим во групата Б, чија просечна висина е 193,9 см. Во хрватскиот состав има дури седум ракометари повисоки од 200 см и деветмина што се повисоки од 195 см. Втора селекција по висина е Шпанија (192,3 см), додека просечната висина на македонскиот состав е 190,2 см. Бахреин го има најнискиот состав во групата Б, со просечна висина од 179,1 см. Бахреинците го имаат и најнискиот ракометар на шампионатот (162 см), централниот бек Али Еид.

Селекторите на Исланд и на Бахреин, Гудмундур Гудмундсон, односно Арон Кристијансон, ги имаат најмладите состави во групата Б, со просечна возраст од 25,5 години. Бахреин во својот состав има пријавено четворица, а Исланд тројца тинејџери. Највозрасниот состав во групата Б го има селекторот на Шпанија, Жорди Рибера, дури со 11 ракометари над 30 години, а просечната возраст на шпанската секција изнесува 28,4 години. Втор по старост е македонскиот национален тим, кој во овој проширен состав има 12 играчи со над 30 години, или во просек 27,2 години.

Шпанија и Исланд, пак, имаат најмногу интернационалци во своите редови, односно по 18 ракометари што играат надвор од границите на државата што ја претставуваат, како и по 10 играчи од домашните првенства. Веднаш зад нив е Хрватска со 17 интернационалци и 11 од хрватските тимови. Македонија има 13 интернационалци и 15 ракометари од македонски екипи. Бахреин е единствената селекција во групата Б без интернационалци.

Селекторот на Јапонија, Дагур Сигурдсон, има најмногу дебитанти (шест) на својот список меѓу селекторите од групата Б. Дебитанти без настап за сениорскиот тим, но со голем број настапи за кадетската и јуниорската репрезентација на Македонија се четворица ракометари: Мартин Серафимов, Димитар Димитриоски, Марио Танкоски и Томислав Јагуриновски.