Американската агенција „Асошијтед прес“(АП) објави поширок текст за планот на Косово да формира војска и во кој детално ја анализира можната реакција на Србија, ставот на НАТО, а се поставува и прашањето на легитимитетот на тој потег на Приштина.

Во бизарната анализа, која се темели на тезата што би било кога навистина би дошло до воен конфликт меѓу Белград и Приштина, АП се занимава со актуелната криза во регионот, моќта и бројноста на воените сили на двете страни, но и позицијата и влијанието на САД и Русија во случај на воена интервенција.

Се очекува, како што се наведува во анализата, косовскиот парламент утре да го одобри нацрт законот за трансформација на Косовските безбедносни сили(КБС), кои бројат 4.000 припадници, во поширока, лесно вооружена војска.

Долготрајните тензии пораснаа и откако Приштина ги подигна таксите на 100 отсто за српската стока како очигледна одмазда на тоа што лобирањето на Србија го спречи обидот на Косово да влезе во Интерпол.

– Приближувањето на Косово до формирање на регуларна војска, доволно ја налути Србија да зборува и за воена интервенција – пишува АП.

Додека Србија верува дека главна цел на новоформираната војска е завземање и етничко чистење на северот на Косово, населен со Срби, приштинските власти тоа го негираат.

Со предупредувањето за можна воена интервенција, српската премиерка Ана Брнабиќ минатата недела рече дека се надева оти „никогаш нема да мора да ја употребиме нашата војска“, но дека тоа „во моментот е една од опциите на маса“.

АП си го поставува прашањето колку е сериозна српската закана, оценувајќи дека тоа е „празна закана“ и додава дека е крајно неверојатно дека Србија ќе преземе воена акција, иако „го засили ѕвецкањето со оружје“.

– Тоа би предизвикало директна конфронтација со околу 4.600 припадници на НАТО, вклучително и со американските војници стационирани на Косово од 1999 година. Тоа, исто така, речиси сигурно би предизвикало санкции од Западот и изолација на Србија – додава АП.

Без оглед на присуството на НАТО на Косово, Србија има многу посилна војска, речиси 30.000 професионални војници во споредба со 5.000 во новата косовска војска.

Русија неодамна ја вооружа Србија со борбени авиони и тенкови, но бомбардирањето во 1999 година ги уништи воените капацитети на земјата кои се занемарливи во споредба со оние на Алијансата, наведува АП.
Објаснувајќи ја позицијата на НАТО, агенцијата потсетува дека генералниот секретар Јенс Столтенберг рече дека планот за косовската војска доаѓа во погрешно време, дека е против советите од многу сојузници на НАТО и дека може да има негативни последици по перспективата на Косово за евентуално придружување на Алијансата и на Европската унија(ЕУ).

– Ако Косово продолжи, НАТО ќе мора да го преиспита нивото на својот ангажман со Косовските безбедносни сили – изјави неодамна Столтенберг, потсетува АП.

Кога станува збор за детали, агенцијата наведува дека новата косовска војска би имала годишен буџет од 98 милиони евра, 5.000 војници вооружени со лесно пешадиско оружје и 3.000 резервисти.

Косовските власти велат дека таа ќе биде ангажирана во кризни операции и за цивилна заштита, истакнува АП, што во суштина и го прават КБС.

На прашањето колку е легитимен ваквиот потег, АП укажува дека резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН прецизира дека Косово е под надлежност на УНМИК, а додека за безбедноста се задолжени мировниците предводени од НАТО.

НАТО и САД помогнаа во обуката на КБС. САД го поддржуваат формирањето на нова војска преку долг процес што води кон мултиетничка застапеност, почнувајќи од промена на Уставот во кој не се споменува армија. Но, за ова би била потребна поддршка од српските пратеници, кои се противат на тоа, наведува АП.

Во текстот се истакнуваат два фактора – руски и американски. Русија силно ја поддржува Србија, „својот едиснтвен вистински сојузник во Европа“ и смета дека формирањето на косовска војска може да доведе до најтешки последици не само за Србите во регионот, туку и за безбедноста на целиот Балкан.

– Малку е веројатно дека Москва ќе ѝ се придружи на Србија во било каква воена акција против НАТО на Косово. Зхгора на тоа, руската војска нма реален пристап до Србија и Косово кои практично се опколени со држави членки на НАТО – истакнува АП.

Кога станува збор за американскиот фактор, агенцијата напомнува дека претседателот Доналд Трамп покажа слаб интерес за тензиите на Балканот, но оценува и дека Косово всушност е американски протекторат благодарејќи на поранешните администрации на Клинтон и Буш, кои му помогнаа да добие независност.

– САД имаат околу 600 војници на Косово и било каков српски напад би наишол на жесток одговор – наведува АП.

На прашањето што следи понатаму, во текстот се констатира дека Србија одбива да учествува во дијалогот во Брисел додека Пртиштина не ги повлече таксите, а косовската влада вели дека нема да го стори тоа сè додека Србија не го признае Косово.

-Ќе треба многу меѓународно лобирање да се обноват разговорите кои се клучни за обете земји во нивните заложби да се придружат на ЕУ – заклучува АП.