Џејдон Санчо

Освен на Санчо, уште на четворица фудбалери од петте најдобри европски лиги им се зголемила трансферната вредност за повеќе од 30 милиони евра

Вредноста на младиот, 18-годишен англиски интернационалец Џејдон Санчо, фудбалер на Борусија Дортмунд, се зголемила за огромни 806 отсто, од 9,7 на 87,9 милиони евра за минатите три месеци, според најновата анализа на фудбалската опсерваторија од Нојшател, Швајцарија (ЦИЕС).
Во анализата на ЦИЕС се опфатени фудбалери од петте најквалитетни лиги во Европа, чии трансферни вредности најмногу пораснале во минатите три месеци, во апсолутни и во релативни услови.

Санчо, кој во октомври дебитира за репрезентацијата на Англија, мина од Манчестер сити во Борусија во 2017 година за околу 11 милиони евра. Сезонава тој постигна шест гола на 21 меч.

Покрај Санчо, уште на четворица фудбалери им се зголеми трансферната вредност за повеќе од 30 милиони евра. Тоа се младиот, 24-годишен Португалец Жоао Кансело, играч на Јувентус (од 27,8 на 74,2), Шкотланѓанецот Ендрју Робертсон (24), левиот бек на Ливерпул (од 47,8 на 79,8), Бразилецот Ричарлисон (21) од Евертон (од 45,3 на 76,3) и младиот, 22-годишен Германец Тило Керер од ПСЖ (од 24,3 на 54,7).

Натаму, до 10-та позиција на „апсолутната“ листа се Португалецот Бернардо Силва (24) од Манчестер сити (од 98,8 на 128,6 милиони евра), Сенегалецот Садио Мане (26) од Ливерпул (од 95,7 на 125,3), Французинот Емерик Лапорт (24) од Манчестер сити (од 74,5 на 103,5), Трент Александер-Арнолд (20) од Ливерпул (од 83,4 на 109,2) и Килијан Мбапе (20) од ПСЖ (од 191,2 на 216,3).

Најголеми трансферни порасти во петте лиги, покрај Санчо, во Бундес-лигата се: во Италија, младиот, 18-годишен Моис Кин, по потекло од Брегот на Слоновата Коска и со италијански пасош, фудбалер на Јувентус (од 4,8 на 17,2 милиони евра), во Франција – Стенли Н`Соки (19) од ПСЖ (од 2,9 на 8,6), во Англија – Нигериецот Ајзак Саксес (22) од Вотфорд (од 4 на 11,8) и во Шпанија – Жуниор Фирпо (22) од Бетис (од 6,5 на 18,7).

Алгоритамот на фудбалската опсерваторија ЦИЕС при одредувањето на вредноста на играчите на трансфер-пазарот ги разгледува варијаблите како што се нивната возраст, договорот, улогата во тимот и лигата.