По вчерашната ждрепка на групите за Купот на ЕХФ, капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров со неговиот француски Нант, за противник во групната фаза го добија германски Магдебург, во чии редови игра репрезентативниот бек Филип Кузмановски. Нивната прва средба ќе биде во меч од 3-то коло (22/23 февруари) на теренот на Лазаров, а реваншот е во следното коло (29 февруари/1 март) во Магдебург. Дел од групата Ц ќе биде и словенечкиот вицепрвак Горење (кој застана на патот на Металург во двомечот од 3-то коло) и шпанскиот состав Адемар Леон, кој минатите две сезони играше во Лигата на шампионите (ЛШ).

Третиот македонски репрезентативец во ова натпреварување, голманот Борко Ристовски, со неговиот португалски тим Бенфика ќе биде дел од групата А, во која ривали за освојување на првите две места, кои водат во четврт-финалето, ќе му бидат германски Мелсунген, дански Силкеборг (кој исто така минатата сезона беше дел од ЛШ), како и полски Ополе.

Групната фаза во Купот на ЕХФ ќе започне на 8/9 февруари и ќе трае до 28/29 март. Двете најдобропласирани екипи од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза од натпреварувањето (четврт-финале), по кое ќе се издвојат четирите најдобри, кои, пак, ќе разигруваат за титулата на завршниот турнир (23/24 мај), кој ќе се одржи во Берлин, Германија. 


Група А: Мелсунген, Силкеборг, Ополе, Бенфика
Група Б: Левен, Куенка, Ним,
Холстебро
Група Ц: Магдебург, Нант, Горење, Адемар Леон
Група Д: Екс Прованс, Татабања, Фуксе Берлин, Ла Риоха