За да ги направи уште попривлечни, поинтересни, попрегледни и подостапни натпреварите, Европската ракометна федерација (ЕХФ) почна со крупни чекори да ја воведува статистичката анализа за своите мечеви.

Прв чекор беше вклучувањето во игра на „паметната топка“ на „Селект“, која имаше промоција на минатогодишниот завршен турнир од Лигата на шампионите во Келн. Следен чекор беше воведувањето на чип-технологијата во дресовите на ракометарите на годинешната завршница од ЛШ, со што се овозможи дигитално следење на играчите, за што подобро вкупно собирање податоци од натпреварите и поопсежни согледувања во играта.

Најновиот чекор на ЕХФ е тоа што во пресрет на новата сезона тие ангажираат статистичари, кои со посебно внимание ќе ги следат натпреварите од европските купови и ќе ги прибележуваат сите детали во играта на секој од натпреварите, кои ќе бидат достапни онлајн за сите љубители на ракометот.

Претходно ваква онлајн-статистика ЕХФ имаше на последното Европско првенство во Хрватска, а пред тоа деталната статистика од натпреварите беше достапна само по завршувањето на натпреварот. Со воведувањето на овој тип статистичка покриеност на натпреварите ќе се има детална слика за квалитетот и за ефикасноста на секоја од екипите и играчите кои се дел од натпреварувањата, а ќе им помогне и на тимовите во изготвувањето анализи.

Ваква онлајн-статистика одамна се практикува во кошарката, фудбалот, хокејот, бејзболот и други спортови.